По вчерашното барање камерите да ја напуштат седницата на Судскиот совет од страна на новиот претседател Сашко Ѓеоргиев, па заминаа комплетно сите претставници на медиумите, на денешниот почеток на седницата претседателот побара коректност и транспарентност. Ѓеоргиев рече дека тој како човек, судија и претседател на Судскиот совет, не заслужува таков пристап, каков што доживеа вчера во медиумите. Да потсетиме реагираа новинарите, ЗНМ, а денеска осуда стигна и од АВМУ.
-Овој состав на Судскиот совет, јас како претседател ви гарантирам, а и времето ќе покаже, ќе бидеме исклучително транспарентни. Заедно со вас ќе се бориме за вистината и резултатите кои ќе следат. Потенцирам до медиумите – само сите заедно со исклчително транспарентно и отчетно работење, заедно ќе постигнеме добри работи, им рече Ѓеоргиев на претставниците на медиумите.
Претседателот на Советот се дообјасни дека побарал камерманите со камерите да ја напуштат седницата бидејќи било претесно, а стручните служби имале тешкотии да си ја вршат работата. Исто така рече дека барал од Државната новинска агенцијата МИА седниците да ги пренесува во живо не само оваа тука редовно да ги снима, со цел присуство на јавноста . Ќе побара, како што рече Ѓеоргиев од судскиот буџет да бидат одобрени средства за работата на МИА во Судскиот совет.
-Ние како Совет да бидеме транспарентни, ве замолувам да го следите тоа коректно и транспарентно. Јас сум само 3 дена претседател. Се’ уште не сум влегол во кабинетот. Не заслужувам таков пристап како човек, судија, претседател на Судскиот совет. Времето ќе покаже дека ќе имаме редовни изјави, брифинзи, транспарентност, одговор на прашањата интересни за јавноста. Дајте шанса, ние пружаме рака да работиме заедно, рече Ѓеоргиев.
Овој потег следеше по вчерашниот преседан, кога по години отвореност на седниците на Судскиот совет, новиот претседател побара да се отстранат камерите, додека новинарите можеа да останат.