Нов обид за попречување и одолговлекување на донесувањето на предложените осум закони со европско знаменце за коридорите, се поднесените 6.664 амандмани од страна на пратениците од Левица.
Партијата смета дека внесувањето на законите со европско знаменце е спротивно на Деловникот и европската регулатива и нема правна основа.
-Освен што ќе платиме најскап километар по автопат во историјата, оваа странска компанија ќе може легално да го третира македонскиот работник како роб – со работна недела од фрапантни 60 часа. Низата штетни закони, кои СДС и ДУИ сакаат да ги шверцуваат со европско знаме, предвидуваат експропријација на земјиште само со одлука на Влада, ослободување од даноци за странската компанија, како и пренамена на шумско земјиште без дозволи и одобренија!, сметаат од Левица.
Партијата оценува дека со предлог-законите предложени наменски за конзорциумот ,,Бехтел и Енка” се руши и така кревкиот правен поредок.
Според собранискиот Деловник, расправата за законите со европско знаменце може да трае најдолго два дена.
Расправата за законите почнува утре во Собранието.