Од истражувањето меѓу младите од 13 училишта од 13 градови од Источниот, Североисточниот, Југоисточниот и Вардарскиот регион , 21 отсто рекле дека сакаат да студира во странство, што во однос на претходното истражување пред пет години, е зголемување 8 отсто. Словенија е најбараната земја за студирање, по што повторно во интерес по подолго време се враќа Бугарија со градовите Софија и Пловдив и Грција со Солун. Пресметано во однос на 3500 матуранти пријавени за државна матура, 33 отсто рекле дека не сакаат да продолжат со студии и сакаат да заминат во странство. Тоа се близу 900 млади само од овие 13 градови и од оваа генерација млади. Што се однесува до професиите и факултетите, повторно најатрактивни се струките со кои може да се најде работа во странство, а тоа се Медицинскиот факултет и Информатика.
Ова се наодите од истражувањето истражувања на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, насловени „Млади, миграции и образование“.
Професорот Страшко Стојановски, кој го раководеше истражувањето спроведено заедно со студентите, рече дека оние кои не би се запишале на Универзитет, а тие се околу 30 проценти, средношколци од четврта година, исто така од нив 24 проценти би сакале да се иселат. Привремената миграција за студирање во странство многу лесно преминува и во трајна и ова, како што вели, е сериозен проблем.
-Немаме систематичен пристап и би рекол имаме поагресивен пристап на промоција на Универзитети од други држава, тука пред се би укажал на Словенија, каде што имаме голем интерес, не се работи за образовна политика. Многу е јасно, ние социолозите можеме да забележиме дека се работи за класична демографска стратегија на Словенија да привлече население не само од Македонија, туку од поширокиот регион, рече Стојановски.
Во однос на изборот на универзитети во државата, младите се определуваат за државните универзитети, а помалку за приватните. Предничи УКИМ, иако како што рече Стојановски, има благо приближување на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.
Правејќи споредба меѓу најновото истражување и тоа пред пет години забележливо е дека пораснал бројот на одлични ученици.
-Тоа се повторно перцепции, што значи е индикатор дека компетитивноста и во средните училишта се зголемила, како и на ниво на Универзитети. Борејќи се за ученици и за сопствен рејтинг или очигледно имаме добри генерации или во системот имаме намалување на критериумите. Тоа се претпоставки, потенцира Стојановски.
Исто така, пораснал и бројот на младите, копи рекле дека сакаат да студираат во странство, што се должи и на зголемувањето на приходот во семејството. Ако пред пет години само пет до шест отсто од семејствата имале месечни примања од над 60.000 денари, денеска овој процент изнесува околу 33 проценти, што може да се должи на инфлацијата, но во исто време може да се смета дека е подобрен социјалниот статус.
В.К.