Под превезот на забава и традиција со години се одржуваат примитивни настани со копитари кои се приморани од нивните исто толку примитивни сопственици да влечат трупци со цел да се здобијат со парични награди и да ги задоволат нивните и на публиката – садистички нагони.
Вака реагираше денеска здружението Анима мунди кое објави видео на кое се гледа дека овие животни се приморани да влечат товар, несоодветно на нивниот физички капацитет, а при тоа се монструозно тепани, туркани и влечени.
-Сето ова со години се случува пред очите на јавноста и уште потрагично пред очите на официјалните инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство кои замислете овде никогаш не констатирале никаков прекршок и дозволуваат овие монструозни манифестации во кои животни се изложени на болка и страдање да продолжат да се одржуваат – велат од Анима мунди.
-Иронијата во сето ова е што само пред некоја година Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе кампања за заштита и благосостојба на коњите и тоа беше прв и последен пат кога оваа институција навидум изрази било каков интерес за овие животни за што е повеќе од очигледно дека благосостојбата на коњите за нив постои само кога се работи за проект финансиран од ЕУ – велат активистите.
Таа бараат Агенцијата за храна и ветеринарство да ги забрани овие, како што велат, примитивни настани во кои страдаат оние што треба да ги заштитат.
Благосостојбата на животните во нормално општество не се имплементира само кога има профит туку секојдневно – сметаат од здружението.