Денеска се навршуваат осум години од вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015 во која загинаа осум припадници на безбедносните сили.
Во 28 часовните престрелки, животот го загубија припадниците на безбедносните сили, Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Други 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.
Куманово два дена живееше во страв и неизвесност.
Престрелките почнаа во раните утрински часови. Кумановци слушаа надлетувања на хеликоптер. Затворени беа улиците, затворен беше дел од град, речиси целата населба „Тоде Мендол“. Фабриките во тој дел од градот, не работеа. Кумановци се сеќаваат на овој исклучително трагичен настан. Престрелките беа со различен интензитет, од одредени места се гледаше густ чад. Безбедносните сили евакуираа жители, влезот од главната улица „Тоде Мендол“ од булеварот „Трета МУБ“ беше дозволен само за полиција, брза помош и противпожарна единица. Дел од сограѓаните од „Диво Насеље“ се евакуираа кај роднини. Полицијата во неколку наврати ги евакуираше жителите. Трагично-вознемирувачкиот настан остана во сеќавање на кумановци.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во објавата потсети на овој настан, во кој Куманово и државата беа во неизвесност од вооружениот напад во кој животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи.
– Судските архиви сведочат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“, така што овој крајно вознемирувачки и трагичен настан засекогаш ќе остане во колективната меморија на кумановци како голема траума, а граѓаните од целата држава ќе паметат дека нарачателите не ја остварија својата цел да ја одржат неизвесноста во која режимот ги држеше во заложништво државата и граѓаните. Хероите живеат вечно! Никогаш да не се повтори!, напиша Спасовски.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски во објавата посветена на настаните од „Диво Насеље“ напиша дека сè уште нема одговори.
– До денешен ден и после осум години, за жал нема одговор на прашањето кој е сценаристот, а кој е режисерот на настаните во Диво Насеље во Куманово. Никогаш да не се повтори – Вечна им слава на бранителите!, напиша Димитриевски.
Во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово денеска се одржа панихида во спомен на осумте загинати припадници на безбедносните сили.
Граѓаните на Куманово, велат дека настаните не треба да се заборават и никогаш да не се повторат.