Поголема грижа за менталното здравје во училишните средини побараа младите, а стручната фела алармираше за потребата од постојана едукација на психолозите и педагозите за да им пружат поголема поддршка. Во услови на недостиг на учебници како елементарен сегмент на воспитно-образовниот процес, но и при низа изгубени часови во тековната учебна година, прашањето за менталното здравје не се најде како приоритет на агендата на надлежните.
Сепак, страотниот инцидент во соседството го вклучи алармот кај македонските институции.
По крвавиот инцидент во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, кој го предизвика седмоодделенецот Коста К. надлежните во земјава допрва ќе го разгледуваат кадарот во педагошко-психолошките служби во училиштата за да ги направат побезбедни за учениците. Додека таму се одржуваат итни состаноци, ресорниот министер Јетон Шаќири признава дека бројот на овие стручни лица некаде не соодветствува на бројот на ученици.
Но се чини дека не е проблем само нивниот квантитет, бидејќи учениците ретко им се обраќаат за помош кога се жртви на насилство, како физичко така и психичко.
Триесет и седум отсто од децата не се чувствуваат безбедно во училиште – покажа истражувањето реализирано од професори на УКИМ
Универзитетската професорка Софија Георгиевска вели дека насилството е во пораст, но 27 проценти од децата не знаат како и на кого да му соопштат дека се жртви на насилство.
-Дваесет и седум е огромна бројка којашто ни вели „јас се чувствувам лошо, а не знам каде да го кажам тоа“. Родителите, наставниците, стручните служби се тие коишто треба да бидат првата алка што ќе му овозможи на детето да каже како се чувствува, да каже што го прави тажно и што е тоа што го прави среќно – истакна Георгиевска, која беше дел од тимот професори при УКИМ кои спроведоа истражување на повеќе од 2000 ученици.
Истражувањето покажа дека 37 отсто од децата не се чувствуваат безбедно во училиште, иако насилството станува сè почеста појава. Токму поради тоа, Министерството за образование и наука ќе изготви упатство за постапување во случај на врсничко насилство во основните и средните училишта.
„Некои од училиштата имаат итни состаноци, одржуваат родителски состаноци, каде освен со класните ќе почнат да работат и со психолозите и педагозите, што до сега не е постапувано. Постапувано е само во случај на пријава на ученик и имаме таков случај само во конкретни ситуации. Ќе има конкретни протоколи за постапување, а очекувањата се и поинтензивно да се вклучат и центрите за социјална работа, како и засилување на воспитната програма“, истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Пријавите за врсничко насилство и сугестиите како тоа да се намали отсега може да се испраќаат и на електронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk на албански јазик, каде во првите два дена пристигнале десетина пораки. Од МОН соопштија дека ќе ја истражат секоја пријава и ќе преземат соодветни мерки за поголема безбедност во училиштата.
Средношколците бараат евалуација на знаењата на психолозите за справување со проблемите на младите
Насилството и улогата на стручните служби во справување со него, се најдоа во фокусот на неодамнешната средба на Шаќири со Сојузот на средношколци. На средбата присуствуваа и универзитетски професори од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, правото и безбедносните науки. Од Сојузот соопштија дека предложиле нов модел на работа на училишните психолози за подобра комуникација со корисниците на нивните услуги – учениците.
„Имено, нивните канцеларии треба да бидат отворени за средношколците, а тие треба да го имаат правото да закажат тет-а-тет средба со својот училишен психолог“, сметаат средношколците.
На ова претходно алудираше лидерот на Сојузот, Лука Павиќевиќ кој во интервју за ММС истакна дека системот ги уназадува училишните психолози бидејќи добиваат работни задачи кои не соодветствуваат на нивната професија.
„Можам да кажам дека од моментот кога јас застанав како претседател да го водам Сојузот со мојот тим во јуни 2021, во нашата програма проблемот со менталното здравје и како системот ги третира училишните психолози, беше ставен како врвен приоритет. Токму затоа ние ја искористивме оваа прва година од мандатот да исконцепираме еден модел каде што предлагаме наместо психолозите да бидат пренатрупани со бирократии и со административна работа, конечно да бидат ослободени од тоа бреме и да работат со својата вистинска таргет група, а тоа се учениците“, нагласи средношколецот.
Тој потенцираше дека психолозите во училиштата сега се како „казнен механизам“, а тоа мора да се смени за да можат учениците полесно да го препознаваат насилството, но и да се справат со него.
„Ако некој не се однесува добро и културно, таму е пратен како казна. Нам ни е потребна трансформација во еден сервис за менталното здравје на учениците каде што секој ученик би можел да закаже тет-а-тет средба со својот психолог и да разговара за прашањата кои го мачат“, заклучи Павиќевиќ.
Според него, за да се подобри улогата на педагошко-психолошките служби, надлежните треба да организираат обуки за овие стручни лица, но и да се размисли за тоа на кој начин ќе се проверуваат знаењата кои ги стекнале за да бидат квалификувани да работат со деца.
„Досега тие обуки биле само на хартија, треба да има механизам кој ќе ги мери и евалуира знаењата и способностите коишто посетувачите на таа обука (професорите или учениците) ги стекнале“, изјави Павиќевиќ.
Тој и останатите претставници на Сојузот го адресираа ова барање и до министерот Шаќири на неодамнешната средба.
„За да се избегне докажаната неуспешност на обуките, Сојузот предложи и спроведување на тестирања кои ќе ги мерат знаењата стекнати од овие обуки“, истакнаа од Сојузот додавајќи дека станува збор за многу важен кадар во училиштата.
Преку системска грижа младите да стекнат доверба во стручните служби во училиштата за справување со траумите, предлага доц. д-р Јовановска Стојановска
Со сличен став е и претседателката на Комората на психолози, доц. д-р Мирјана Јовановска Стојановска. Таа во интервју за ММС, коментирајќи ја улогата на психолозите во превенирањето и спречувањето насилство, истакна дека кога тие дипломираат добиваат многу теоретско знаење, но сепак треба да посетат и специјални обуки за да знаат како да работат со децата во зависност од возраста.
„Понекогаш имам впечаток дека психолозите се примени во училиштата затоа што така пишува во законот и дека тоа мора да се направи. Како смислата на тоа зошто се тие примени, да се губи. Мислам дека МОН треба малку повеќе внимание да посвети на психолозите кои ги вработува. Денес во најголема мера тоа е оставено на ентузијазмот на психологот дали ќе се доедуцира, дали ќе заврши дополнителни курсеви за да може да одговара на работата што го чека во една училиште“, смета Јовановска Стојановска.
Таа дури и предлага законски измени врз основа на кои ќе се донесат мерки за зачувување на менталното здравје на учениците.
„Не е само да се спомне менталното здравје, а сега не се ни спомнува, туку да се воведат законски мерки како тоа ментално здравје да се зачува на учениците, до оној степен до кој може во училиштата. Моментално во законите се внесени само начините на кои оние ученици кои излегуваат од рамките со некое несоцијално однесување како да се казнат. Но никаде нема како да им се помогне на тие ученици“, додава психологот.
Таа потенцира дека системот треба да ги охрабри жртвите да побараат помош, односно да стекнат доверба дека тоа може да го направат анонимно и со поддршка од стручно лице да ги надминат траумите кои ги доживеале.
Важноста на менталното здравје на учениците потенцирана и во Декларацијара на ОДАС
Препознавајќи ја важноста на училишните кадри за менталното здравје на младите, средношколците преку пишан документ аргументираа и предочија како би можела нивната улога да се унапреди. Имено, на првиот Национален средношколски самит кој Организација за дијалог и афирмација на средношколците – ОДАС го организираше лани во октомври, беше донесена Декларација на средношколците.
Декларацијата ги сумира предлозите на учениците за тоа како би можеле да станат поактивни учесници во образовниот систем, а во делот за ментално здравје предлагаат во училиштата да се вработи и по еден социјален работник кој ќе одговори на зголемените потреби на децата.
Преку Декларацијата, средношколците побараа психолозите да се ослободат од прекумерната административна работа и наместо тоа, да имаат време да се посветат на учениците. Од ОДАС на својот прв Самит побараа државата да развие национална програма за ментално здравје кај средношколците и младите, но и да се спречи меѓуврсничкото сексуално и родово насилство преку вклучување сеопфатно сексуално образование во училиштата.
Во Декларацијата меѓу другото, средношколците бараат училиштата да се координираат со здравствените установи за да се постигне подобра грижа за менталното здравје, а истовремено свеста за ова прашање да се јакне преку јавни кампањи во кои би се вклучиле и невладините организации.
Вања Мицевска