По предлог на Владата, во Одборот на директори на Телеком влегува некогашниот член на Државната изборна комисија Игор Милев, кој доаѓа на местото на Зоран Китанов, кој си даде оставка. Причината за оставката не е позната во јавноста. Китанов, како кадар на СДСМ, во Телеком дојде од директорското место на ЈП „Државни патишта“. Претходно беше директор на јавно претпријатие во Струмица и близок соработник на Зоран Заев.
Игор Милев во Телекомот за плата од 6200 евра, доаѓа од Царинската управа, каде работеше како советник на генералниот директор. Претходно освен во ДИК, Милев беше раководител на правната служба на „Јака 80“ од Радовиш.
Сопругата на Милев беше избрана за судијка во Апелацискиот суд во Скопје и позната по тоа што членуваше во кривичните совети, кои ги разгледуваа предметите врзани со Сашо Мијалков и потоа беа поништувани.
Името на Милев беше споменувано и како нов генерален секретар на Владата пред последната реконструкција.