На предлог на стечајниот управник Пепи Панев, а по барање на доверителите, Основниот суд од Штип донесе решение за отворање на стечајна постапка во фабриката за чевли „Баргала“, АД. Судијата Емил Пилатов на краткото рочиште ја констатираше потврдата на барањето за покренување стечај од страна на Комерцијална банка, како најголем доверител, која побарува 3,3 милиони евра, потоа АД за осигурување Македонија – Винер иншуранс и Илвана Стефановска во име на 58 вработени.
Како што веќе информиравме, според информациите презентирани на претходното судско рочиште (25.04.2023), АД „Баргала“ на Комерцијална банка и должи 195.838.657 денари и 281.086 евра. Долгот кон АД Македонија Осигурување изнесува околу 5 милиони денари. Долгот кон вработените т.е групата на вработени кои уште пред две години доставија барање за покренување на стечајна постапка, не е утврден зошто, како што беше кажано на рочиштето, Синдикатот и претставникот на вработените не успеале да ја достават информацијата, а во меѓувреме како што информираа стечајниот управник Пепи Панев и адвокатот Бошков, биле извршени уплати за вработените.
Како што објасни стечајниот управник Панев, според законот за стечај, тече рок од 45 дена за да подготви извештај. Во меѓувреме, очекува доверителите да ги пријават своите побарувања. Ним им престојат 15 дена од објавувањето на решението за отворање на стечајот во „Службен весник“.
Неофицијално е договорен датумот 4 јули за првата средба на Совет на доверители.
-Советот на доверители ќе се изјасни дали е за продолжување на стечајот, дали е за активен стечај или за прекин. Исто така, ќе решава и дали ќе остане стечајниот управник или ќе се бара друг, изјави судијата Емил Пилатов.
Засега никој не зборува за точни износи, што веројатно ќе го утврди извештајот на стечајниот управник. Покренувањето на стечајната постапка се провлекува веќе две години низ судовите, откако на два пати Апелацискиот суд го враќаше предметот кај Основниот суд. За Апелација спорно беше побарувањето на работниците, кои имаат групна пријава. Овој суд бараше побарувањето да биде индивидуално, односно да се провери кој работник колку побарува одделно.
Презентираните докази укажуваат дека за „Баргала“ извршните решенија почнале во 2008 година, па се’ до 2021 година. Со тоа, некогашниот штипски кожарски гигант со 1400 вработени, е препуштен на тие на кои им должи и помалку од 200 работници, чија судбина ќе зависи од одлуката на Светот на доверители кој во јули ќе одлучи дали е можен активен стечај.
В.К.