Паричните права и услуги од системот на социјална заштита во нашата држава и можностите за нивно унапредување беа темите за кои денеска разговараа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претседателот на Националниот сојуз на слепи лица, Жарко Селковски.
На средбата на која присуствуваа и претставници на двете страни се разговараше за можностите за зголемување на висината на правата, достапноста на ортопедските помагала, зголемување на средства кои се издвојуваат од игрите на среќа за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст, можностите Националниот сојуз да стане лиценциран давател на услуги од социјална заштита, како лична асистенција и воспоставување на центар за рехабилитација – информираше МТСП преку писмено соопштение.
Според Министерството, со експертска поддршка од Европската Комисија ќе се работи во делот на реформирање на правото за помош и нега од трето лицo и правото за попреченост и нивно поврзување со индивидуалните потреби на корисниците. При тоа, ќе се земат предвид позитивните примери на земји како Австрија и Словенија.
Исто така, беше истакнато дека во јуни ќе биде доставен во владина процедура Предлог закон за единствен систем за проценка на лицата со попреченост – соопштија надлежните.
Од МТСП информираат и дека веќе е закажана средба со министерката за култура за вработување на слепи лица во Националната универзитетска библиотека. Во меѓувреме, Министерството за информатичко општество и администрација има формирано работна група за имплементација на оваа директива и изработка на предлог законски решенија за пристапност на овие содржини .
Изминатата година висината на посебниот додаток беше зголемена за 15% за сите три подвидови на корисници. Дополнително, во месец јануари се направи усогласување на правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот. Корисниците на правата добија за 14.2 % повисоки исплати на правата чии корисници се. А за корисниците на посебниот додаток тоа е зголемување на правото за речиси 30%.
Владата на Република Северна Македонија, како дел од последниот пакет антикризни мерки за поддршка на ранливи категории на граѓани ги опфати и лицата со попреченост. Па така, со Законот за финансиска поддршка за ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза беа обезбедени парични средства од 3.000 денари месечно во времетраење од четири месеци или вкупно 12.000 денари – додаваат од МТСП.