Амбасадорот Срѓан Керим во денешното издание на емисијата „Стадион“, коментирајќи ги масакрите во соседна Србија коментира оти не мисли дека настаните имаат каква било врска со тероризам. Според него во конкретните случаи е многу јасно дека и двете момчиња имале достапно оружје што е апсолутно неприфатлива работа.
– Дете од 13 и 21 година да имаат таков арсенал на оружје значи дека имаат крајно неодговорни родители и лошо организирано семејство. Јасно е и во двата случаи дека нашето воспитување, односот кон другарите, професорите и кон општеството почнува од дома и тука апсолутно потфрлиле родителите, вели Керим и додава:
– Општата констатација се однесува на тоа во каков свет живеат денешните млади, технолошки се во предност, но не и општествено. Ние градиме држави без општество, кај нас има држава и партија и луѓето им служат на партиите, не обратно. Најдобар индикатор за ова е статусот на образованието, науката и здравството. Во едно развиено општество врвен приоритет мора да бидат овие три, ништо од ова не е случај ни кај нас, ни во соседните земји. Начинот на кој се користат т.н паметни телефони и нивната достапност за децата за мене е неприфатлив.
Запрашан за ситуацијата во Украина, Керим вели дека не верува оти оваа војна ќе заврши брзо и како големо прашање го наметнува тоа дали и воопшто ќе има крај доколку не се вложат посериозни дипломатски односи.
– Дипломатијата воопшто не се праша откако Путин одлучи да ја нападне Украина, затоа што тоа беше израз на неверување на Русија дека конфликтот може да се реши по дипломатски пат. Конфликтот меѓу двете земји не е отсега, па само Крим е од 2014. Русија тука очигледно се раководи со тоа да си ја определи својата сфера на влијание, вели Керим.
Во „Стадион“ тој зборуваше за аферите кои вели му биле фабрикувани, за неговата претседателска кандидатура, за случајот со Медиа Принт Македонија, за неговата нова книга „Светот без граници“ , но и за светските случувања. Слушнете ја целата емисија: