Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски смета дека прво, врз основа на мерливи и објективни критериуми, треба да се согледа колку функционерите сработиле и колкав е нивниот учинок, па дури потоа да се дискутира дали нивната плата е голема или мала.
Според Деспотовски, платите приоритетно треба да им се зголемат на вработените во полицијата, војската, образованието и здравството.
-За функционерите, дискусијата од сега натаму треба да се води околу тоа – колку ние како носители на јавна функција го заслужуваме тоа што го добиваме како плата, дали тоа треба да биде повеќе или треба да биде помалку. Мислам дека дискусијата мора да ја водиме за тоа колку е, каков е учинокот. Ние мора луѓето да ги надоместуваме, не само функционерите, сите генерално, од аспект на тоа колку придонесуваат, односно колку си ја вршат својата работа. Така што дискусијата од сега натаму, според мене, треба да се води околу тоа колку ние како носители на јавна функција го заслужуваме тоа што го добиваме како плата, дали тоа треба да биде повеќе или треба да биде помалку – посочи Деспотовски одговорајќи на новинарски прашања откако направи пресек на реализацијата во зоните за април годинава.
Тој рече дека вкупната сума за платите не ја знае, ниту има предвид за колку функционери станува збор, но потврди дека зголемувањето е 78 проценти.
-Тоа е точно, по мојот пример ви кажувам. Но, втора работа, ако мене ме прашате, ако веќе станува збор за ограничени финансиски ресурси со кои располага државата, би дал приоритет на раст на платите во сегментот полиција, војска, образование и здравство. Зашто? Зашто гледаме што се случува во регионот, сфаќаме колку безбедноста е важна, сфаќаме колку образованието е важно и тоа на лош начин веќе сфаќаме колку е важно, така што мислам дека апсолутен приоритет треба да се даде во сегментот на растот на платите во тие сектори, истакна Деспотовски.
МИА