Вчеравечер во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија се отвори изложбата „Приспивни сирени” на македонската новинарка Кристина Атовска во продукција на Виктор Петрески.
Изложбата е создадена по тримесечен престој на Кристина на воените жаришта во Украина и снимањето на нејзиниот документарен филм со истиот наслов. Изложбата ја отвори директорот на КИЦ, д-р Сашко Насев кој зборуваше за блиските македонско-украински врски и за трагедијата предизвикана од агресијата на руската федерација врз Украина.
Пред бројните гости се обратија и претставничката на украинската амбасада во Софија, Ирина Козик и познатата украинска писателка и преведувачка на повеќе од 30 македонски автори на украински јазик, Ана Баграјана. Тие изразија благодарност до КИЦ на РСМ во Софија и до авторите за овој извонредно храбар чин.
Со високо емотивен набој Кристина и Виктор со страст зборуваа за нивното дело, а Кристина Атовска по тримесечниот престој на воените жаришта во Украина пластично ги долови трагедиите во Буча, Харков и други украински градови. На крај беше прикажан трејлер од документарниот филм „Приспивни сирени” и целиот настан беше поздравен со бурни аплаузи. Самиот документарец веќе е прикажан на повеќе меѓународни фестивали за документарен филм.
Сите присутни со восхитеност ја поздравија помошта од секаков вид што малата Македонија ѝ ја пружа на прекрасната и голема Украина.