Инспекциите со години биле алармирани дека на градилиштето на „Лимак“ во центарот на Скопје, работат на црно 250 странски работници, често прекувремено и цел ден. Претседателот на градежниот синдикат, Иван Пешевски, во изјава за ТВ 21 изјави дека со одамна го известиле Трудовиот инспекторат за ова, врз основа на сознанијата од терен, меѓутоа, инспекторите постапиле дури по две години.
-Истите луѓе ги гледаме и во прва и во втора смена. Нормално дека последиците се катастрофални. На крајот на денот нема цена човечкиот живот за тој вработен дека ќе однесе малку повеќе средства на крајот на месецот дома бидејќи излегува дека дома нема да се врати жив. За оние работници на црно кои што имаме информации од наши колеги кои што работат по градилиштата, тие бројки се помеѓу 3 и 4 илјади вработени во моментов на територија на цела Македонија. Ние пред неколку години, можеби пред три години пријавувавме во Државниот Инспекторат за Труд дека имаме сознанија токму во Центарот на Градот Скопје преку 250 работници од вкупниот број работници кај изведувачот „Лимак“ работат на црно. Меѓутоа, многу подоцна по пријавата, тоа беше лани, излезе инспекторат на труд на терен и начека 97 работници на црно на тоа градилиште каде што синоќа имавме таков немил настан 34 годишен граѓанин на Република Турција загина на работното место.“, изјави Пешевски за ТВ 21.
Во вторникот на 2 мај на градилиштето на „Лимак“ загина 34-годишен работник од Турција, кој околу 18 часот паднал од висина од 10 метри. Работникот поставувал гипс картон, качен на електричен уред за работа на височина, со дополнителни делови за подигање на платформата.
Компанијата не најавила прекувремена работа за тој ден, за што им била изречена казна од Трудовиот инспекторат.