Сопругата на македонскиот амбасадор во Чешка, Сашко Тодоровски, професорката Мирјана Најчевска, негира дека нејзиниот сопруг бил отповикан и вратен дома од страна на Министерството за надворешни работи, како што соопшти претходно. Дека Тодоровски поднел оставка, за 360 степени потврдиле и од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој веќе го потпишал указот за отповикување, откако амбасадорот на почетокот на годината сам си поднел оставка.
Во објаснување на Фејсбук, Најчевска пишува дека амбасадорот Тодоровски бил подложен на мобинг и дискриминација од страна на министерот Бујар Османи, а потоа и објаснува зошто.
-Мојот сопруг не се согласи со барањето на Османи (кој самиот изјави дека одговара единствено пред Али Ахмети) да го известува него и само него на дневна основа и во лична комуникација надвор од каналите на министерството, со заобиколување на Владата и на Претседателот на државата за случувањата во државата во која е поставен за амбасадор. Значи, Османи ги прекрши Уставот и законите што дипломат професионалец како мојот сопруг не можеше и не си дозволи да го толерира (за што пред неколку месеци достави претставка до Владата и до Претседателот на државата). Со оглед на тоа дека никој не реагираше на наводите во дописот во кој беа посочени отворени акти на дискриминација од страна на Османи, мобинг и основи за сомневање за направени кривични дела, мојот сопруг поднесе оставка. А на неписмениот лакеј на Али Ахмети кој се претставува како министер за надворешни работи некој треба да му каже дека сопругите и сопрузите на амбасадорите добиваат средства во висина од 10% од платата на амбасадорот не за да се шетаат и да се проводат туку за извршување на дипломатски задачи кои им ги доделува амбасадорот, пишува Најчевска.
Амбасадорот Сашо Тодоровски е вратен од Прага поради низа утврдени неправилности, информира денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на онлајн брифингот со новинарите.
Како причина за неговото отповикување, Османи наведе дека имало констатирано нерегуларности во функционирањето, лажно претставување на сопругата како културен аташе во Прага и дека не се испочитувани инструкции од страна на МНР.