Со посвета на неговиот вујко Јордан Мијалков и неговата баба Благородна Мијалкова, поранешниот македонски премиер или најпознатиот македонски бегалец, Никола Груевски ја најави својата најнова книга. Во издание на издавачката куќа „Ѓурѓа“ насловот на книгата е „Добро е да се знае“, како што авторот најавува, тоа се есеи за значајни историски мигови. Всушност, негови пишувања во периодот од 2017 година па до денес, текстови кои се рефлексии на различни настани актуелни и историски.
Во подолгиот текст, Груевски, кој сега е во егзил во Будимпешта, Унгарија, додека дома има неколку активни пресуди, би сакал на текстовите да се гледа само како на обид да го искаже својот личен став за теми и проблеми, за кои како што вели, „во општеството нема јасен став или ставовите се многубројни, а најчесто се различни и неретко поларизирани“.
-Со насловот на книгата „Добро е да се знае“, настојував, особено во ова време на сериозно негирање на македонскиот идентитет, име, јазик, националност и историја, да ги мотивирам, особено оние кои поретко се навраќаат кон тие теми од нашата национална историја, тоа да го прават почесто и да се навраќаат на сопствената национална историја, пишува Груевски.
Никола Груевски во 2019 година ја издаде книгата ,,Искуства за иднината“, која е неговиот докторски труд, исто така во издание на „Ѓурѓа“.