Скопското Обвинителството ја почна работата по поднесената кривична пријава од МВР-СВР-БЈБ-Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и при тоа поведе истражни постапки против четири лица за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Се работи за случај, познат на јавноста со обидот за продажба на близу 140 килограми марихуана, вредна близу 400.000 евра.
-Четворицата соизвршители, тројца мажи и една жена на возраст од 49, 44, 19 и 45 години, сите роднински поврзани, неовластено набавиле вкупно 133,7 килограми наркотична дрога марихуана која ја држеле во авто-сервис во Ѓорче Петров. На 2 мај во попладневните часови спакувале 99,6 килограми марихуана и ја ставиле во автомобил. Движејќи се еден зад друг во три различни автомобили, се упатиле од авто-сервисот по улицата „Скупи“. Притоа, 19 – годишниот осомничен бил во последното трето возило кое имало за цел да предупредува доколку на патот забележи полициски службеници и патроли. Откако се обидела да ги запре полициска патрола, дел од осомничените се дале во бегство, но на булеварот „8 Септември“ биле запрени и лишени од слобода, а дрогата им била запленета. Остатокот од марихуаната бил пронајден при претрес на авто-сервисот, соопшти Обвинителството.
Првиот осомничен се товари и за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи при претресот во авто-сервисот во негова сопственост биле пронајдени неколку куршуми муниција.
За сите четворица осомничени надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи процени дека таквата мерка е неопходна за непречено водење на кривичната постапка.