Во престрелката што се случила утрово во ОУ „Владислав Рибникар“ во центарт на Белград, ученик (14) пукал во учениците и обезбедувањето, еден припадник на обезбедувањето е загинат, а пет ученици се повредени. Најмалку две лица се убиени во престрелката во училиштето „Владислав Рибникар“ во Врачар, соопшти Нова.рс, а Н1 јавува дека покрај чуварот од последици на ранувањето почината е и учителка од тоа училиште, јави дописникот на МИА од Белград.
МВР соопшти дека ученикот кој пукал со пиштол во учениците е уапсен.
Пукањето се случило во 8 часот и 40 минути кога седмоодделенец отворил оган врз обезбедувањето и учениците. Сето тоа траеше 5 минути. Како што пишува Нова.рс, осомничениот ученик по пукањето побегнал од местото, но полицијата набрзо го уапсила.
Тинејџерот испукал неколку истрели, а најверојатно пиштолот бил на на неговиот татко.
Момчето го застрелало поранешниот учител со пиштолот на татко му, го убил чуварот, а точниот број на ранети се уште не се знае.
Во Тиршова се префрлени три деца, од кои едното е во животна опасност и итно е префрлено во операциона сала со повреда на главата, соопштија за Танјуг во таа установа. Доктор Марко Егзеговац од Ургентниот центар за РТС изјави дека двајцата повредени се надвор од животна опасност.
Таткото на девојчето кое за време на пукањето истрчало од училницата вели дека таа му рекла дека тоа е нивен соученик, инаку одличен ученик, кој со студен израз на лицето влегол во училницата и пукал.
-Ќерка ми беше во тој клас, беше во училницата каде тоа момче ги испука првите истрели кон учителката, а потоа почна да пука во децата кои беа под клупите, а моето дете истрча надвор, изјави овој татко за Н1, додавајќи дека тогаш имале час по историја.
Припадници на Министерството за внатрешни работи во Белград биле известени дека утринава во 8 часот и 40 минути дошло до пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар. Полицијата ги испратила сите расположливи патроли, веднаш излегла на терен и го привела осомничениот малолетник, ученик од седмо одделение, кој, како што се сомнева, испукал неколку истрели од пиштолот на неговиот татко во правец на учениците и обезбедувањето на ова училиште.
Лекувањето на повредените е во тек, како и работата на полицијата на утврдување на сите факти и околности поврзани со овој настан.
Блокирана е улицата и голем дел од Врачар, од Славија до училиштето. На терен се 10 екипи на Брза помош.
МИА