Пет средношколци од земјава имаат можност да учествуваат на летен воен камп за млади од 26 јуни до 10 јули 2023 во Црна Гора. Министерствата за образование и наука и за одбрана го објавија повикот за кампот на кој ќе учествуваат и средношколци од Црна Гора.
Како што објави МОН, целта на проектот е средношколците да ги тестираат своите вештини како војници, преку активности и дружење да развиваат чувство за солидарност и пријателство, да стекнат знаења за улогата и значењето на армиите во општеството и на тој начин да им се зајакне интересот за воената професија.
-Програмата предвидува секојдневна обука во разни воени и други вештини: медицинска обука, натпреварување во топографија и ориентација, ракување со оружје и гаѓање, обука за работа со средства за комуникација, кампување (исхрана и преживување во природа, обука на брзи води и сплаварење-рафтинг, извидничка обука и ориентација во ноќни услови) и обука во качување со јаже. Покрај тоа, за учесниците во кампот се подготвени бројни спортски-рекреативни и културно-забавни активности, се наведува во повикот.
Учеството во кампот е бесплатно, нашето Министерство за одбрана ќе обезбеди комплети на униформи за учесниците и ќе ги покрие трошоците за превоз и осигурување, а Министерството за одбрана на Црна Гора обезбедува сместување, исхрана и медицинска помош. Кампот ќе биде организиран во единиците на Војската на Црна Гора во Даниловград, Колашин, Плевља и Тиват.
-За време на траењето на Летниот воен камп за млади, припадници на Војската на Црна Гора ќе се грижат за безбедноста на учесниците во кампот. Со учениците од Македонија ќе престојува и старешина од Армијата кој ќе биде задолжен за редот, дисциплината и реализација на предвидената програма, наведено е во повикот.
Кандидатите ќе ги избира комисија од МОН. Во условите за пријавување, меѓу другото, стои дека учениците треба да се од трета и четврта година од средните училишта во државава и да постигнале најмалку многу добар успех во секоја година од средното образование.
Јавниот повик е отворен пет дена од денот на објавувањето. Во него се наведени документите што треба да се поднесат, достапен е формулар за пријавување и информации за начинот на аплицирање.