Полициите во девет земји во координација со Европол ја затворија нелегалната Дарк нет за е-трговија „Монопол маркет“ и уапсија 288 лица осомничени дека таму купувале и продавале дрога, објави Ројтерс, повикувајќи се на Европол.
За време на операцијата се запленети повеќе од 50,8 милиони евра во готовина и виртуелни валути, 850 килограми дрога и 117 огнено оружје, се наведува во соопштението на Европол. Запленетата дрога вклучувала 285 килограми амфетамини, 43 килограми кокаин, 43 килограми МДМА и над 10 килограми ЛСД и екстази.
Во операцијата, со кодно име SpecTor, учествуваа тимови од Австрија, Франција, Германија, Холандија, Полска, Бразил, Велика Британија, САД и Швајцарија .