ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, го назначи Неџат Курт за нов генерален директор, од 1-ви месецов. Метин Батак ја напушта позицијата генерален директор и ќе биде назначен за член на Извршниот одбор на компанијата ТАВ Тунис, која што управува со аеродромите Енфида Хамамет и Монастир.
Курт работи во воздухопловниот сектор 23 години, а уште од влезот на ТАВ на македонскиот пазар е дел од високиот менаџмент на ТАВ Македонија. Во пишана изјава му се заблагодарува на Батак за придонесот во раководењето во изминативе години, истакнувајќи дека заеднички ги воделе скопскиот и охридскиот аеродром среде најголемата „бура“ за воздухопловството – кризата со ковид-19.
-Тесно соработувавме и се справивме со секој предизвик, вложувајќи ги нашите најдобри напори за закрепнување на патничкиот сообраќај, одржувајќи ја мотивацијата на вработените на високо ниво за да го одржиме нашиот бизнис-модел. Сега, додека се движиме по позитивниот бран на пораст на патничкиот сообраќај, моите колеги и јас ќе вложиме максимални напори за да продолжи овој тренд, особено сега по пост-пандемскиот период на промени – наведува Курт во пишаната изјава.
-Како никогаш досега, фокусирани сме да продолжиме да го поддржуваме, подобруваме и да даваме приоритет на искуството на патниците од нашите двата аеродрома додека гледаме во иднината и ги дефинираме нашите цели коишто сакаме да ги постигнеме. И натаму ќе ги развиваме аеродромите во Скопје и Охрид, претворајќи ги во центри на Балканот. Со нашите лични долгогодишни искуства во управувањето со аеродромите и знаењата и вештините на меѓународно ниво на нашата матична компанија – ТАВ Аеродроми, ќе ги следиме светските авијациски трендови, ќе водиме нови проекти и ќе продолжиме да им служиме на нашите клиенти на најдобар можен начин, вели Курт.
Тој во 2008 година беше назначен од страна на ТАВ Аеродроми како еден од менаџерите кои го водеа проектот за концесија во Македонија. Работеше на скопскиот аеродром две години, а во 2010 година беше назначен за менаџер на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. По две години, во 2012 година беше назначен за менаџер на скопскиот аеродром и управуваше со целокупните аеродромски операции во македонскиот главен град.
Во 2014 година, ТАВ Аеродроми го назначи Курт за координатор за транзиција на меѓународниот аеродром Принц Мохамед Бин Абдулазиз во Медина, Саудиска Арабија. Таму тој ја организираше транзицијата од стар во нов аеродромски терминал. Меѓународниот аеродром Принц Мохамед Бин Абдулазиз во Медина е првиот приватизиран аеродром во Саудиска Арабија.
Во 2016 година, Курт беше назначен за координатор за оперативна подготвеност и аеродромски трансфер во терминал и во јавна зона на аеродромот во Загреб во Хрватска. Работеше заедно со француската Групација АДП (ADP Group), за да обезбеди успешна транзиција и работа на аеродромот, додека не заврши изградбата на новата терминална зграда на аеродромот во Загреб и новиот терминал беше пуштен во функција во 2017 година.
Во август 2017 година, беше назначен за координатор за аеродромски операции на три аеродроми кои се преземени под концесија од Кралството Саудиска Арабија од страна на ТАВ Аеродроми, по што стана претседател на Комитетот одговорен за аеродромска дигитализација на аеродромот во Медина во 2018 година.
Кон крајот на 2018 година, Курт се врати во земјава, како координатор за аеродромски операции, одговорен за целокупното оперативно работење на аеродромите во Скопје и Охрид. Во првиот квартал од 2019 година, Курт беше назначен за заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија.