Калиопи и Жељко Самарџиќ ја отпеаја песната „Знам“, зад која како комплетен автор стои Ромео Грил. И повторно хит. А кога станува збор за Ромео тоа не е ништо чудно, во куферот полн со хитови, се смести уште една песна полна со емоции.
Оттаму и незбежно беше на минатонеделната промоција да поразговараме со Ромео за инспирацијата, за емоцијата и за тоа како живее далеку од своето Скопје.
Секако, најпрвин за емоцијата во песната, во чии зборови секој од нас може да се пронајде.
-Јас никогаш не сум се дружел со естрада, со уметници. Го слушам гласот на народот. Си правам муабет со таксисти, со обични луѓе од сите професии и кога пушувам не правам ништо друго, туку го кажувам тоа што луѓето го мислат ама јас знам тоа да го спакувам. Е што е голема филозофија ако кажеме „и нека нам у здравље иде све“? Па, сите тоа го велиме по шест пати на ден. Не само што препознавам работи, туку постојано пишувам за да разберат луѓето. Ме прашуваат дали ви е ова животна приказна? Дали на мене или на некој друг? Да, на мене и на некој друг. Кај би стасал јас кога би пишувал само автобиографски песни. Тоа не е целта. Целта е во неа да се најдат луѓето. Затоа Жељко кога ја слуша вели- ова песна е точно за мене и за жена ми. Некој друг си пронаоѓа нешто друго. А ме прашуваат дали во песната има нешто за тебе и Калиопи. Јас сега можам сешто да кажам, да кажам не не е така. Но, постои една вистина.Лугето од страна гледаат подобро отколку јас. Можеби е така. Не можам да бегам од нешто, не можам да бегам, затоа бев емотивен.
А кога станува збор за емоцијата, за она шо му лежи на душа, Ромео не го испушти и неговото родно Скопје.
-Ова е мој град, моја населба, мое маало. Јас сум од тука и ми е драго. Сè што е добро и лошо за другите е и за мене. Наше е. Па треба да почнеме да кажуваме дека лошото е и наш грев, не е само туѓ. Јас сум роден карши слаткарница Апче, во Дебар Маало, потоа се преселивме во Карпош 2 и во „Никола Карев“ одев во гимназија. Тоа се и моите спомени. Јас кога почнав да излегувам имав две коли, едната ми беше 7, другата 19. Кога се договарав со девојка ѝ велев сакаш да те соберам со седмица или со деветнаеска. Хахаха… Така беше. Со девојките се шетавме низ град. Кога излегувавме се шетавме по „Партизанска“, а кога се враќавме се шетавме по „Илинденска“. „Илинденска“ беше поромантична. Сум поминал милијарда пати натаму-наваму, затоа сега се чувствувам емотивно. И не кријам.
Ромео вели дека Скопје и Македонија секако дека му недостасуваат и ако досега доаѓал само кога има проекти, вети дека сега ќе ги среди работите така за да доаѓа почесто. Но, тоа не е поради сребрената коса или годините…
-Јас постојано си го сакам Скопје, какво и да е. Никогаш не сум имал претензии да бидам нешто што не сум. Некој ќе рече погледно го, ова е скршено, ова е валкано, па глеј луѓето, менталитетот. Ама мое си е. Зошто мене ми е лесно да напишам песна. Можам да напишам песна за целата таа терирорија на бивша Ју, бидејќи си ги знам луѓето. Жена ми е од Славонија, имам пријатели секаде. Иако немам Фејсбук, немам Твитер, немам Инстаграм. Немам ништо. Единствен момент кога имам потреба да се обратам е кога ќе напишам песна. И комуницирам фантастично со сите, рече Ромео и објасни како се живее без социјални мрежи, во време кога сите се зависни од нив.
-Социјалните мрежи се злоуотребени. Ама за тоа не е народот крив. Ако пуштите дрога, ќе биде дрога, ако пуштите алкохол, ќе биде алкохол. Социјалните мрежи се пуштени за да луѓето се зближат. Арно ама кога имаме многу информаци, луѓето немаат време тие информации да ги преџвакаат и читаат само наслови. Луѓето имаат блокади. Па место да се зближиме се случи контапродуктивно. Па има овој табор, оној табор. Но, оптимист сум, веројатно ќе се поправат работите. Човекот мора да се сврти кон човек. Веројатно треба да доживееме некое дно, па да се свестиме малку. Али тоа не е мој бурек, јас не живем така и мене социјалните мрежи не ми недостасуваат. Мирна ми е главата, рече тој на крајот.
(В.М:)
Фото: Вангел Тануровски