Меѓународниот ден на трудот со одделни протести ќе го одбележат двата големи синдикати. Под мотото „Работниците се државата“, Сојузот на синдикати на Македонија ќе го почне протестот точно напладне пред зградата на ССМ, а ќе го заврши пред Владата.
Конфедерацијата на слободни синдикати под мотото „За правда, за еднаквост“ ќе протестира два часа порано. Збирно место на членовите на КСС ќе биде во 10:00 часот пред просториите на КСС (ул. 50та Дивизија бр. 25 Скопје) потоа ќе продолжат да се движат по ул. Јордан Мијалков, потоа по бул. Климент Охридски и ќе се движат кон Владата, каде што ќе има обраќање на присутните во 11 часот.
Паролите на двата синдикати како „Ќебап за работникот-бифтек за Владата“, „Работниците се државата“ и „Обединети сме појаки“ се само сликовит приказ на состојбата, додека критиките се насочени кон функционерите, кои деновиве ќе ги добијат зголемените плати за 78 отсто.
Нелогично е, велат тие, во време на инфлација да се укинуваат одредби од Законот за плати на функционерите со кои се овозможува зголемување на нивните плати, а од друга страна да нема зголемување на платите на работниците.
– Сметаме дека покачувањето на функционерските плати за 78 проценти или по 2.000 денари дневно, воведувањето на 12 часовен работен ден за голем број работници, тоа што ги излажаа вработените во здравството и што не им ги зголемија платите, тоа што не го склучија Општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К-15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството, е ставот на ССМ.
КСС со паролата „Ќебапче за работникот – бифтек за власта“ најави дека пред седишетото на Владата ќе запали скара, мотивирани од покачените функционерски плати за 78 отсто и најавите за 60 часовна работна недела.
-Власта си ја покачи 78%, но еве, долги години како што протестираме ние немаме усогласување на платите иако и на нас тоа ни следува со законите. Протестираме и против 60 часовна работна недела затоа што од една страна тоа е неуставно, ги крши конвенциите на меѓународната организација на трудот, изјави Благоја Ралповски од КСС.
И Синдикат на новинарите и медиумските работници потсетува дека без работнички права, нема слободно новинарство. Повикува на солидарноста е професионалност, а до колегите порачува: „Останете будни, гласни и непоколебливи. Колеги, правата не се празничен потсетник, туку битка која започна 1886-тата и продолжува“, порача ССНМ.