Новото пајак возило на ЈП „Куманово паркинг “заврши на паркинг, откако полицијата во саботата го исклучила до сообраќај, информираше на прес конференција директорот Сашо Петрушевски.
„Пајакот“ бил стопиран од инспектор на Државен инспекторат за транспорт и била побарана лиценца за транспорт, што како појаснува директорот, таква лиценца по закон не треба да има претпријатието.
– Увид на документите за сите други потребни документи не ги гледаше, туку ни бараше документи кои ги немавме и ги немаме, и ниту едно јавно претпријатие на ниво на Република Македонија ги нема. Ни беше одземена сообраќајната дозвола на 30 дена. Веднаш направивме жалба до второстепена комисија и ако не ја вратат сообраќајната ќе водиме управна постапка пред Управен суд, затоа што одговорно тврдам дека сме во право, вели Петрушевски.
Толкувањето на Петрушевски е дека во сообраќајната дозвола стои дека е специјално возило, а според тоа, не треба да има лиценца.
– На 28 април пуштивме старо пајак возило за да ги вршиме континуирано своите работни задачи. Веднаш по излегување од депото бевме сопрени од службено лице од Полициска станица за општа надлежност, каде според негово видување требаше да одиме на технички преглед. Во меѓувреме беа повикани крим техника, економски криминал, стоевме два и пол – три часа и во разговор ни беше кажано дека тоа е наредба од горе. Отидовме на технички преглед каде во одреден дел од прегледот возилото немаше сијаличка на регистарска табличка и параметрите на задното кочење не беа според законски прописи. Тоа се аномалии кои веднаш ги исправивме, вели директорот Петрушевски.
Откако ги отстраниле пронајдените аномалии на старото возило, Петрушевски вели дека им била вратена сообраќајната дозвола.
За Петрушевски овие случувања се личен или политички атак и злоупотреба на службената должност. Пајак возилото, вели тој, било регистрирано на 22 август минатата година и било технички исправно.