Претставниците на Секретаријатот на Бернската конвенција одговорен за заштита на природното наследство, на Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење (Рамсарска конвенција) и на УНЕСКО денеска во Општина Струга треба да имаат средба со градоначалникот Рамис Мерко и претставници на локалната власт.
На средбата, како што информираше вчера на прес-конференција во Охрид, консултантот за заштита на природните подрачја при Бернската конвенциј Андреј Совинц ќе се обидат да појаснат дека за УНЕСКО, за Бернската и за Рамсарската конвенција Струга е дел од Охридското Езеро и не е различно подрачје.
– Ние ќе се обидеме да објансиме дека може да има развој, може да има и туризам. Но, ќе мора сите ние што се занимаваме со тоа, подрачјето да опстане, како исклучително природно и културно наследство да најдеме некој компромис со оние што гледаат напредок само во масовен туризам или градење, рече Совенц.
Според него, проблемот со дивоградбите во Струга е најголем, и една од препораките, подвлече, ќе оди во правец дека треба да се најде некој кој ќе управува на терен.
– Не правење нови планови, нови комисии, кои ќе седат во канцеларии. Не, потребно е едно тело, кое ќе управува со светското наследство во регионот. Имате најдобри планови, но се е на хартија, мора да се имплементира. И потребно е воспоставување вистинска врска меѓу просторно планирање и управувањето со тие подрачја, додаде Совенц.
Градоначалникот Рамис Мерко во повеќе наврати изјавуваше дека во Струга нема дивоградби, туку тоа биле доградби од типот на скали, настрешници и слично.
МИА