Tоа што Советот на Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата за деблокирање на сметките е свесно и намерно спречување на работата на Клиника Жан Митрев и натамошна реализација на намерата Клиниката да се доведе во позиција на неодржлива криза и да се спречи работата без ни малку одговорност за јавниот интерес што го има клиниката како здравствена организација.
Вака реагираа денеска од Клиниката Жан Митрев откако Советот на Апелациониот суд Скопје Апелациониот суд Скопје донесе решение со кое ја одби како неоснована жалбата на д-р Жан Митрев и правното лице ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев од Скопје.
-Токму заради јавниот интерес за пациентите и сите оние што имаат потреба од врвна медицинска нега, беше побарано деблокирање на сметката за клиниката да може да работи без притисокот во секојдневните обврски кон банките и добавувачите – велат од Клиниката.
Оттаму сметаат дека одбивањето на барањето за деблокирање на сметката зборува за организирана хајка и додаваат дека обвинението е неосновано, а процесот инструиран.