Факт е дека пандемијата со ковид-19 имаше негативен ефект врз процесот на редовна имунизација за деца, како на глобално ниво, така и кај нас. Тоа најдобро го видовме во падот на стапките на имунизација во 2020 и 2021 година, кои беа намалени за сите видови детски вакцини во споредба со просекот од 2015 до 2019 година. Оваа година драго ми е што гледаме дека тој тренд се менува и имаме покачување на националниот опфат, изјави денеска на прес-конференција д-р Маја Манолева, заменичка на министерот за здравство.
Според неа, сите вакцини за деца што се примаат до 12 месеци, со исклучок на пневнококната и рота вакцината, воведени во 2019 година, имаат достигнато опфат од околу 84 проценти.
– Пораст на националниот опфат има и МРП вакцината: минатата година за првата доза имавме покриеност од 70.4 проценти, оваа година имаме благо покачување на 70.7 отсто. Втората доза минатата година изнесуваше 80.4 проценти, а оваа година има значителен раст и достигнува над 89 отсто покриеност на национално ниво. Оваа година е забележано и значително покачување на опфатот со ХПВ кој во 2021 изнесувал 35.5 отсто, а оваа година е над 50 проценти, појасни Манолева.
Има подобрување, но не и достигнување на препорачаниот праг за колективен имунитет
Иако имаме подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, таа потенцираше дека сѐ уште не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет, утврден и со програмата за задолжителна имунизација – 95 проценти на национално и 90 отсто на локално ниво.
Токму затоа, како што додаде Манолева, продолжуваат интензивно да работат на оваа тема.
– Кампањата што ја започнуваме денес со нашите партнери УНИЦЕФ, под слоганот „Заштитени заедно – редовните вакцини за деца делуваат“, е токму една од активностите што ќе ни помогнат да допреме до родителите и да ги поттикнеме навремено да ги вакцинираат своите деца. Во неа се вклучени и колеги здравствени работници, педијатри, вработени во вакцинални пунктови, гинеколози кои ги предочуваат опасностите од одложување на вакцинацијата, како и бенефитите од вакцините за деца кои се најефикасниот начин за заштита на нивното здравје. Преку кампањата ја промовираме и новата дигитална платформа Е-здравство, што содржи посебен дел посветен на имунизација и ги интегрира сите информации за вакцините на едно место. Се надевам дека оваа платформа ќе биде корисна алатка за здравствените работници, а родителите ќе можат да ја користат како веродостоен извор на информации, нагласи Манолева.
На почетокот на недела на имунизација, со поддршка од СЗО, ја започнале и иницијативата за зголемување на достапноста до знаења за вакцинација на локално ниво.
– Организирана е вакцинацијата на лице место „од врата до врата“, преку распоредување мобилни тимови за вакцинација низ целата земја, а во исто време и делење информативни материјали за вакцинација, изработени врз основа на медицината базирана на докази. Овие напори ќе продолжат сѐ додека сите што ги исполнуваат условите за вакцинација, не бидат целосно заштитени, подвлече Манолева.
Таа ги повика сите родители кои имаат пропуштено вакцинација, да го вакцинираат своето дете.
Претставничката на канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани изјави дека кога станува збор за сопствените деца, родителите се соочуваат со многу дилеми.
– Редовните вакцини за деца се докажано безбедни и ефикасни и секоја година спасуваат 2 до 3 милиони деца од смртоносни болести на глобално ниво – рече таа.
ДиЏовани кажа дека за жал, пандемијата со Ковид-19 ги стави под огромен притисок здравствените системи и услуги како на глобално ниво, така и во оваа земја.
– Како последица, се наруши долгогодишниот тешко остварен напредок на полето на редовната вакцинација кај деца – и се случи најголемото континуирано назаднување во последниве 30 години. Како резултат на тоа, 67 милиони деца на глобално ниво пропуштиле редовна вакцинација помеѓу 2019 и 2021 година, а нивоата на покриеност со вакцинација се намалени во 112 земји, вклучувајќи ја и Македонија, посочи ДиЏовани.
Таа додаде дека локалните истражувања посочуваат дека најчестата грижа на родителите, кога станува збор за вакцинација, е, стравот од потенцијални несакани ефекти.
– Ве уверувам, редовните вакцини за деца се безбедни и многу ефикасни – имаме докази прибирани со векови за да го поддржиме ова тврдење. Од друга страна, компликациите од болестите од кои овие вакцини ги штитат децата, се многу опасни и можат да доведат до доживотно страдање, попреченост, па дури и смрт. Ги повикуваме сите родители, не ја одложувајте вакцинацијата. Донесете ја најдобрата одлука за вашите деца, заштитете ги, апелираше ДиЏовани.