Алфа децата се глобално поврзани, повеќе од сите други генерации во историјата на човештвото. Нивниот свет е интерактивен и отворен, преполн со содржини, игри и видеоматеријали од сите континенти и нации. Тие ќе имаат поширока културна разновидност во своите погледи и ставови. Тие зборуваат на дигитален, симболички јазик, својствен на електронските апликации. Тој јазик е универзален. Истовремено се и билингвални говорители, затоа што на најнепосреден начин активно учат и зборуваат втор јазик (англискиот, а некои од нив учат дури и зборовни изрази од трети јазици).
Ова се наведува меѓудругото во „Дигиталниот свет на генерација алфа – Водич за медиумска писменост за родители и старатели на деца од 5 до 10 години“, чија промоција се одржа вчера во Скопје.
Водичот се реализираше во рамки на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“, спроведен од ИРЕКС во партнерска соработка со МОФ.
Во него се говори за предизвиците на дигиталното време и современото родителство, за тоа дека медиумската писменост се учи од рана возраст, за тоа што значи да се биде медиумски писмен родител.
Водичот опфаќа совети за родителите и старателите како полесно да се снајдат во новото време на технолошка и дигитална експанзија. На промоцијата, авторките на водичот, ја претставија содржината и наодите од истражувањата и зборуваа за важноста на медиумската писменост.
„Онлајн активностите на децата стануваат важен дел од нивниот развој и мора да бидеме свесни какво влијание тие имаат врз нивните интелектуални, мисловни, јазично-лингвистички, емоционални и физички активности“, порача авторката на водичот, професорката Тамара Ќупева.
Ирена Христовска, исто така авторка на водичот, додаде дека станува збор за „стаклена“ генерација, скринејџери, дигитални домородци и номади во отворениот онлајн простор. Јутјубери, тиктокери и гејмери…
-Тие учат, играат и комуницираат различно од сите претходни генерации. Го осознаваат светот во целосно дигитално опкружување. Имаат различна перцепција на непосредната околина, на играта, на социјализацијата, на фикцијата, на стварноста, на текстот, на јазикот, додаде таа.
Физичкиот и дигиталниот свет – две стварности за „стаклената генерација“
Психологот и коавтор на водичот, професорката Ана Попризова го истакна психолошко-развојниот аспект на генерацијата алфа. Таа нагласи дека дигиталната комуникација, воспоставена преку информатичките уреди, има огромно влијание врз процесот на формирање на идентитетот.
Детето не е само член на семејството и на општествената заедница. Тоа е исто така и член на виртуелно, дигитално општество кое го поврзува со нови мали „општества“ во кои е подложено на различни влијанија – нагласи Попризова.
-Вашето дете е дете на генерацијата алфа, едно од 264.056 деца на оваа генерација, родени во Северна Македонија. До 2025 година, ќе биде едно од 2.5 милијарди деца кои живеaт на овој свет.
Генерацијата алфа е генерација што е родена по 2010 година. Именувана е според првата буква од грчката азбука алфа, од страна на австралискиот социолог Марк Мекриндл. Ова е првата вистинска генерација на 21 век, која е родена во целосно дигитално опкружување. Ги нарекуваат „стаклена генерација“, (Glass generation), „палец“ генерација (претпоставувате и зошто), скринејџери и дигитални домородци. За нив, физичкиот и дигиталниот свет имаат ист облик и често, тие имаат еднаков однос кон овие две стварности, се наведува во Водичот.
Поради пристапот до технологијата од најрана возраст, децата од оваа генерација размислуваат на поинаков начин. Како што наведуваат авторите на Водичот тие се родени во светот на Ајфон, Јутјуб и ТикТок, живеат во изобилство од информации до кои доаѓаат со само еден „клик“, децата кои ѝ припаѓаат на оваа генерација играат, учат и комуницираат различно од сите претходни генерации.
-Автоматските движења што од нив ги бара софтверот на самите апликации им овозможува полесен пристап до информации и мултимедијални забавни содржини. Главната алатка се нивните прсти, со кои се движат низ екранот истражувајќи нови простори, водени од својата интуитивна логика и вродено љубопитство, наведуваат авторите, кој во водичот се осврнуваат на повеќе теми, меѓу кои за психологија на детето во дигитално опкружување, за тоа како медиумите влијаат врз развојот на детето, за последиците од Интернет зависноста и од зависноста од дигитален уред, за ризиците од однесувањето на децата на социјалните мрежи.
Авторите наведуваат дека дигиталниот свет е променлив и неограничен, тој постојано отвора нови простори, во кои се населуваат децата.
-Откривајте ги заедно невидливите механизми на медиумите коишто секојдневно ќе се обидуваат да му го украдат вниманието и времето, како и да му ги обликуваат навиките, вредностите и културата. Имајте секогаш на ум дека токму тие го креираат неговиот поглед кон животот и кон светот. Бидете активен родител/старател и развивајте ги вештините заедно со него. Воспитувајте го да учи и да истражува низ светот на интернетот. Внимателно да чита, креативно да создава и критички да ги прима информациите онлајн. Насочувајте го да верува во образованието и во науката – се наведува во Водичот.
МИА