Со „Ој, Вардаре македонски“ вчера вечерта започна промоцијата на докуметнтарецот „Патот на Кобра до ѕвездите“, посветен на животот и блескавата карера на Дарко Панчев.
Кога беше фудбалер ги полнеше стадионите, а вчера ја наполни салата во хотелот „Александар Палас“ со многубројни гости, особено од светот на спортот.
Драган Стојковиќ – Пикси, Дејан Савичевиќ, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Дика Стојановиќ, Вујадин Станојковиќ, Бошко Ѓуровски, Слободан Маровиќ, Кочо Димитровски, Мето Спасовски, Васил Рингов.., се само дел од фудбалските легенди кои беа гости на вчерашната светска премиера на документарецот.
А поддршка му дадоа и Археипископот Охридски и Македонски, Г.Г. Стефан, поранешниот претседател на МОК, Васил Тупуровски, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Мухамед Сејдини…
Вчера се виде само дел од вкупно 200 минути, кои во четири епизоди ексклузивно ќе ги емитува Спорт клуб телевизија. Кариера, која на голчиња почна на улица „Пушкинова“ во скопската населба Кисела Вода, а заврши како Златна копачка за најдобар стрелец на Европа.
-Ми беше задоволство да соработувам со продуцентите на филмот и се надевам дека ќе ѝ се допадне на целокупната македонска и балканска јавност. Искрено, може да направите се’ што сакате, но документарец се прави само ако имате што да прикажете и кажете во него. Овој документарец секако дека е круна на се’ што се случи во мојата кариера.
Исто така се работи и на моја автобиографска книга. Драго ми е што луѓето се сетија да ја искористат целата моја богата кариера и да направат еден интересен филм, рече Панчев, а потоа доби два дреса со бројот девет од претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини и Бошко Ѓуровски.
Најголема поддршка на Дарко му беа сопругата Маја и ќерките Наде и Марија, поради кои, како што рече тој, по завршување на кариерата останал да живее во Скопје, а не во Белград или некоја друга дестинација.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски