Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски изнесува податок со кој го негира тврдењето на премиерот Димитар Ковачевски, дека најмалку половина од работниците што ќе бидат ангажирани на коридорите 8 и 10 д, ќе бидат од Македонија. Николовски тврди дека во план 11 од договорот меѓу Владата и компанијата Бехтел и Енка е дефиниран бројот на работници и план за работа, однсно колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни.
-Согласно договорот, од вкупниот број работници, 30 отсто ќе бидат домашни, а 70 отсто странци. Што значи дека 70 отсто од парите што македонските граѓани ќе ги дадат за изградбата на автопатот ќе одат надвор од државата. Наместо да се вработуваат домашни луѓе, Македонија ќе вработува странци. А премиерот лаже дека најмалку 51 процент ќе бидат домашни работници. Пред мене ги имам точните податоци по година и по класификација на работници, каде што јасно може да се види дека 70 отсто ќе бидат странци, вели Николоски во интервју за Фокус.
Според него, уште поголем проблем е што за сега некој да дојде да работи во Македонија , треба да добие работна дозвола и дозвола за престој.
-Само за работниците на автопатиштата на „ Бехтел и Енка“ ова нема да важи, односно тие ќе можат да работат првиот ден откако ќе стапнат на македонско тло, додека ги чекаат соодветните работни дозволи и виза. А тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што е можно некој што има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример. Истиот да се инфилтрира во државата, да работи шест месеци и по шест месеци, барањето за работна дозвола да му биде одбиено, вели Николоски.
Владата одбива јавно да го објави потпишаниот договор, со образложение дека тоа е барање на приватната компанија. ВМРО ДПМНЕ предлага договорот да им се подели на пратениците кои имаат безбедносен сертификат. Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски најави дека договорот го добил од свиркачи и од денеска па понатаму секој ден ќе објавува делови.