На 2 мај тимовите на Министерството за земјоделство ќе излезат на терен , со што започнува двомесечната кампања за ИПАРД 3. Тоа е новиот инструмент за поддршка на земјоделците во висина од 120 милиони евра, што се очекува да бидат распределени во текот на наредните пет години.
Најавувајќи ја програмата, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски рече дека први во регионот започнуваме со ИПАРД 3, што е резултат на тоа што македонските земјоделци се лидери во искористеност на ИПАРД 2.
-Два месеци во терен ќе ги промовираме можностите за земјоделците. Следи најголемиот повик за No suggestions искористување на средства во висина од 120 милиони евра, рече Николовски.
Министерот најави дека на 10 мај е закажана средба на новиот состав на Агро – советот, кое е највисоко научно и политичко тело во носењето на политиките во агросекторот.
-Ако лани ги носевме интервентните мерки по Руско- Украинската криза и недостатокот на храна, сега сме фокусирани на евроинтеграциските процеси, затоа што 45 отсто од буџетот на ЕУ оди за земјоделие. Најголемиот дел од целото усогласување со правото на ЕУ оди на кластер 5, за кој во јуни започнува објаснувачкиот и билатерален скрининг, изјави Николовски.
Во ова очекува поддршка и од науката.
Што се однесува на производството на храна, Николовски рече дека годинава зголемени на површините под пченица, што според него е резултат на државната поддршката. Ако лани биле засеани 70.000 хектари под пченица, годинава се 8000 повеќе. Сепак, уште од сега не може да се каже колку увозна пченица ќе ни треба.
Николовски е задоволен што со новиот модел на субвенционирање на сончогледот за неколку месеци е дуплирано производство на сончоглед, како и зголемени површини и приноси, а за четирипати е намален увозот.
Состојбите со земјоделството и современата примена се тема на дводневното Меѓународно научно-стручно советување „Агро-наука и пракса“, што денеска почна на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Деканката на Земјоделскиот факултет, Емилија Арсов изјави дека овој настан ги обединува сите релевантни фактори од земјоделскиот сектор за споделување на знаење, искуство и проблеми.
-Интересот од колегите од нашата држава и од Србија и Бугарија е на задоволително ниво. Имаме повеќе од 12 – 13 усни презентации и 23 постерни презентации на актуелни теми коишто го засегаат земјоделското производство, кажа Арсов.
На советувањето присуствуваа и претставници од реалниот сектор, односно од земјоделските компании, кои дел од нив ги изложија со штандови своите производи.