Висок лидер на Исламската држава, кој е одговорен за планирање напади на Блискиот Исток и Европа, е убиен во напад на американски хеликоптер во северна Сирија, јави ДПА.
Силите на американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) го убиле Абд ал Хади Махмуд ал Хаџи Али и уште двајца оперативци на екстремистичката воена организација „Исламска држава“, потврди Пентагон.
Американската војска соопшти дека акцијата била спроведена откако разузнавачките служби откриле заговор на Исламската држава за киднапирање на официјални лица во странство за потоа да се користат како потпора за иницијативите на терористичката група.
-Знаеме дека ИД останува подготвена да нападне надвор од Блискиот Исток.Овој ненадеен напад задава значителен удар на операциите на ИД во регионот, но не ја елиминира способноста на ИД да спроведува операции“, рече портпаролот на ЦЕНТКОМ, полковник Џо Бучино.
Шефот на Сириската опсерваторија за човекови права Рами Абдел Рахман за ДПА потврди дека операцијата е извршена. Тој изјави дека загинале три лица, двајца на местото на самата операција, а третото на периферијата на блиското село.