Обвинителот на Судот на честа на Лекарската комора ја прифатил пријавата и доставил обвинение против анестезиологот Ваљон Дервиши од Тетовската болница, со што почнува постапката за одземање на лекарската лиценца. Законски е дозволено привремено одземање на лиценца до 7 години, доколку нема судска пресуда.
-Предлогот е да му изрече мерка за одземање на лиценцата за работа, согласно правните регулативи. По истекот на минималните временски рокови, Судот на честа ќе заседава за конечна одлука. Идната недела треба да има финална одлука, соопштија од Лекарската комора.
При тоа, од Лекарската комора им се извинија на пациентките кои биле снимени, без да бидат прашани.
Како што објаснија од ЛК, трајно одземање на лиценца следува е по одлука на суд за несовесно лекување, што завршило со смртен исход на пациент.
43-годишниот лекар – анестезиолог од тетовското село Одри на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал. Министерот Фатмир Меџити побара одземање на лиценцата за работа, а случајот го пријави директорот на тетовската болница.
По решение на судија на претходна постапка, анестезиологот Дервиши се наоѓа во осумдневен притвор во затворот во „Шутка“.
Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање да го коментира настанот, рече дека станува збор за неетичко и непрофесионално однесување на лекар.
– Апсолутно ја поздравувам и поддржувам одлуката на министерот за здравство за санкционирање на овој вработен, но и на МВР и Обвинителството, со оглед на тоа дека вакво нешто не треба да се случува во која било област, а особено не во здравството, рече Ковачевски.
Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против обвинетиот за кривични дела „несовесно работење во службата“, како и „неовластено снимање“ според чл.152 ст.2 од Кривичниот законик.