Покривот на зградата каде работи националното радио Канал 77 сега е претворен во централа за производство на енергија од Сонце, со која во сончевите денови од годината ќе се обезбедува дел од потребите на апарати со чија помош радиото продуцира и емитува програма.
Од почетокот на април поставен е систем на фотоволтаици со инсталирана моќност е 37 киловат часови (kW/h). Со помош на овој систем, проценка е дека ќе се добие 42.620 kW/h за периодот од април до декември. Ова производство ќе покрие околу 29 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија за месеците април-декември или 49 отсто од потрошувачката во скапа тарифа во периодот од 07 до 22 часот.
Ова е само дел од потрошувачката на електрична енергија за потребите на целокупниот систем со кој Канал 77 произведува програма и испраќа сигнал на територијата на целата држава и во пограничните региони во соседните држави.
Покрај софистицираниот систем на опрема, значаен дел од потрошувачката на струја оди за 34 предавателните пунктови со чија помош се дистрибуира сигналот на радиото и до најдалечните делови на државата.
Вкупната инвестиција е 23.310 евра, средства што се обезбедени со делумно финансирање од The European Endowment for Democracy (EED), кој е поддржан од Европската унија, додека во еден дел се сопствени средства на Канал 77.
ЕЕД ја препозна потребата и улогата на медиумот во демократизацијата на македонското општество.
-Новата инвестиција и поддршката од ЕЕD ни дава можност за пребродување на овој тежок период за работење, стабилност, како и диверзификација на изворите на енергија, изјави Виктор Гаврилов, генерален директор на Канал 77.
Канал 77 со почетокот на економско – енергетската криза се соочи со значително поголеми сметки за струја, што на моменти го доведе во прашање функционирањето и опстанокот на медиумот, кој годинава ќе одбележи 32 години од своето работење.