Министерството за надворешни работи денеска повторно побара извинување од ВМРО-ДПМНЕ поради, како што наведуваат, изречените груби лаги за време на празниците во врска со обраќањето на министерот Бујар Османи на средбата со неговиот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено.
– Изминаа 24 часа откако беа демантирани грубите лаги од страна на ВМРО – ДПМНЕ, пласирани за време на празници, а партијата сѐ уште не испрати извинување. Како поука за понатаму, за партија која е фатена на дело како лаже, оставаме уште 24 часа да се извини и кон Министерството и пред сѐ кон јавноста која беше вознемирена за време на празници. Со тоа, станува очигледно дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ преставуваат свесен обид за внесување меѓуетнички тензии и раздор во општеството, што може да се потврди и од вордингот и тајмингот на самата манипулација пласирана од ВМРО-ДПМНЕ, се навердува во соопштението од МНР.
Фактот што обидот за манипулација на јавноста беше направен за време на празници, спроед МНР, претставува дополнителна навреда кон граѓаните на земјава, за што и очекуваме извинување.
– Како одамна воспоставена пракса Министерот се обраќа на ист начин од почетокот на мандатот како министер за надворешни работи последните три години, како и претходно две години како Вицепремиер за европски прашања; на јавните настапи пред домашната јавност Министерот се обраќа на двата службени јазици, што е видливо и од самиот видео запис (подолу), при што за медиумите секогаш е обезбеден и соодветен превод, согласно Уставот и Законот за примена на јазиците, се посочува во соопштението.
Во прилог, од МНР испраќаат и линк од обраќањето на Османи пред новинарите по средбата со Албарез Буено
ВМРО-ДПМНЕ вчера побара одговорност од Османи, обвинувајќи го дека во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користел македонскиот јазик како официјален јазик.