Најавен во 2018, а донесен една година подоцна, Законот за практиканство ги исцрта контурите на новите можности за поврзување на младите и работодавачите во земјава.
Познавачите велат – добро е што можеме да се пофалиме со едно вакво законско решение, но не и со можностите за негово заобиколување. Потребна е промоција, за да можат и младите и работодавачите да се запознаат со придобивките од одредбите за практиканска работа, но и засилен инспекциски надзор – се заклучоците на претставниците од граѓанскиот и од бизнис секторот кои ги контактиравме.
Законот за практиканство, кој пратениците го изгласаа пред четири години, а го изменија во 2021, послужи како мост меѓу младите и работодавачите во напорот за соодветно пополнување на празните работни места. Искуството сепак покажува дека во услови на слаб инспекциски надзор и недостиг на промоција, дел од компаниите прават манипулации. И покрај позитивните примери, се бележат случаи во кои практикантите добиваат задачи со кои не се унапредуваат нивните вештини.
Според невладиниот сектор, како држава може да се пофалиме дека сме обезбедиле една ваква правна рамка, што не е случај насекаде низ Европа. Сепак, не е доволно законското решение да го имаме само на хартија, туку и во пракса тоа да биде доследно имплементирано. Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) има и предлози за тоа како практиканството да стане поатрактивно за работодавачите.
Филип Кулаков, програмски менаџер во НМСМ, објаснува дека тука голема улога би играло олеснувањето на административните процедури:
„Конкретно, според Законот, секој работодавач при ангажирањето на практикант потребно е истиот да го пријави во Агенцијата за вработување. Ние сметаме дека ова можеби треба да се поедностави – дали тоа да се прави на некој електронски пат со еден клик, да не ги обременуваме работодавачите со бирократски процедури. Друго нешто што сметаме дека е многу важно е надоместокот за практикантите. Во моментот во законскиот текст е дефинирано колку треба да изнесува неговата висина за секој практикант, односно од 42 до 74 проценти од минималната нето плата. Ние сметаме дека нема потреба овде да стои горна граница“, вели Кулаков.
Договор за дело наместо договор за практиканство како заобиколување на законот
Тој забележува дека Законот го дефинира таканаречениот договор за практиканство, кој предвидува прекршочни одредби за компаниите кои нема да го исполнат таквиот услов. Сепак, „итрите“ работодавачи користат дупки со кои ја заобиколуваат правната рамка.
„На пример, имаме сведочено дека голем број од работодавачите објавуваат повици за практиканство, а при тоа нудат помал надомест од оној што е дефиниран во законот. Ова го заобиколуваат на тој начин што исплатата на пример, ја вршат преку договор за дело каде што нема некое ограничување колкава треба да биде таа една минимална висина“, истакнува Кулаков.
Токму поради ваквите примери, според бизнис секторот, треба да се засили инспекцискиот надзор на терен. Наспроти позитивното искуство во кое работодавачите веќе создале свои кадри од практикантите добивајќи потоа редовно вработување, има и такви кои младите ги праќаат „по бурек“, или од нив бараат да растовараат камиони и да пренесуваат кутии.
Претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков смета дека ова е последица на недостигот на системско следење.
„Ако Агенцијата за вработување на пример, годинава регистрира одреден број на договори за практиканство, во истиот момент тој список треба да биде испорачан и до Инспекторатот за труд. Инспекторите зошто да не појдат да проверат? Потребен е засилен инспекциски надзор, како на национално така и на локално ниво. Едноставно, наместо договор за дело и злоупотреба и избегнување на плаќање на социјални придонеси, подобро е да се знае дека тоа е Закон за практиканство“, додава Бошков.
Од платена пракса до градење на кадрите во компаниите, но и во граѓанските организации
Платената пракса, младите може да ја извршуваат и во невладините организации. Податоците оттаму велат дека над 70 отсто од практикантите потоа успеале да најдат вработување.
„НМСМ често ја практикува праксата на практиканство како механизам за градење на сопствените капацитети и влијаење на зголемувањето на на нашите човечки ресурси. Изминатата година бевме номинирани и за најдобра HR практика, односно како преку практиканството можат да се изградат следните кадри за една организација или бизнис. Горди сме да кажеме дека процентуално од практикантите кои ги имаме ангажирано во рамки на нашата организација, речиси над 75 проценти ги задржавме на работа по завршување на нивната практиканска работа“, истакнува Кулаков.
И тој, но и нашиот соговорник од Бизнис конфедерацијата, сметаат дека законот треба да стане предмет на една јавна кампања, со која ќе се јакне јавната свест за придобивките од него. Бошков нагласува дека на компаниите им се потребни и одредени олеснувања.
Сепак, тој вели наместо тоа да се прави преку законски измени во кои бизнисот повторно би зависел од политичката волја, може да се донесат правилници и акти кои ќе ги дефинираат олеснувањата.
„Зошто две години компаниите да не бидат ослободени од плаќање социјални придонеси и зошто младите да не останат во компаниите, а тие пак да потпишат договори со тие луѓе со облигациони конзули за да останат толку и толку време во компанијата“, додава Бошков.
Овој закон како посебна регулатива за практиканството, беше донесена на барање на стопанските комори кои беа незадоволни од регулацијата на практиканската работа во земјава во Законот за средно и Законот за високо образование.
Од Стопанската комора на Македонија не одговорија на нашите прашања дали и какви измени се потребни за да се стимулираат компаниите да склучуваат повеќе договори со практиканти. Одговор не добивме и во однос на тоа, каква е успешноста на практиканската работа во компаниите која се заснова на овој Закон и колку од практикантите потоа успеале да се вработат во компаниите?
Ова прашање остана неодговорено и од Министерството за труд и социјална политика, каде прашавме и колку од работодавачите биле казнети согласно прекршочните одредби кои ги содржи Законот за практиканство. Во недостиг на одговори, засега е неизвесно кои се прекршувањата кои ги констатираат инспекторите при, и онака ретките надзори. Сепак, познавачите апелираат инспекциските служби потесно да ги следат овие процеси за да можат да спречат експлоатација на младите, а да овозможат пополнување на празните работни места согласно нивните вештини.
Вања Мицевска