Секој месец плаќаат по 200 денари, а се движат по темница по улиците. Лути на градоначалникот, кој со месеци не им дал одговор на барањата, жителите на повеќе каменички села излегоа на протест пред седиштето на Општина Македонска Каменица. Жителите на селата Тодоровци, Луковица, Саса, Моштица и уште неколку други веќе една година како што велат „донираат“ за општината, плаќајќи за улично осветлување, а немаат ниту бандери и сијалици. Повеќе пати барале од општината или да ги ослободи од плаќање на сметките или да им постави улично осветлување. Кога побарале осветлување, им било кажано дека треба сами да си постават бандери. Имале и средба со градоначалникот Димчо Атанасовски, кој уште пред неколку месеци им ветил решение, но ветеното решение го нема.
-Градоначалникот ни вети дека ќе формира комисија, која ќе оди од село до село по што ќе не’ ослободат од плаќање. Таква комисија не сме виделе, ниту некој нешто не’ прашал, изјави на протестот Здравко Стаменковски од Саса 2.
Насобраните граѓани рекоа дека со проблемот се засегнати 800 жители на општината Македонска Каменица. Кога побарале решение од ЕВН им било речено дека со секое броило се плаќа и такса за улично осветлување. Доколку не сакаат да плаќаат улично, тогаш ќе треба да го откажат броилото. Граѓаните наведоа и примери каде луѓе кои имаат нула денари за потрошена струја, бидејќи не живеат таму, а 200 денари за улично и покрај тоа што нема поставен систем на улични сијалици. Со такса бил задолжен и сопственик за броило што е поставено на нива за систем за црпење вода.
– Имаме избран градоначалник, имаме Совет, има одлука за ослободување, која не се спроведува. Согласни сме да плаќаме улично осветлување, ама таму каде има и не за секое броило што не се користи, изјави Јорданчо Цветковски.
Градоначалникот Димчо Атанасовски на насобраните им рече дека не е тој кај кого треба да се обрат, туку Советот на општината е тој што донесува одлука. Од Советот пак одговорноста ја префрлија на Правната служба, одговорна пред градоначалникот, која им подготвила, а тие усвоиле непречистен текст на Правилникот за ослободување од плаќање на комуналната такса. Одлуките на Советот се оспорени пред Уставниот суд.
Овој проблем на граѓаните со плаќање на услуга што не ја користат го откри и длабокиот раздор меѓу градоначалникот Атанасовски и неговите сопартијци од ВМРО ДПМНЕ во Советот, кои му свртија грб, со што го парализира и функционирањето на општината. Градоначалникот пред присутните цитираше закон и топката ја префрли кај Советот.
-Според законот сите плаќаат за улично осветлување. За ослободување од плаќање формирана е комисија, која моментално е на терен, но еден од членовите не е на работа, поради тоа што Советот не го изгласа ребалансот на буџетот за платата. Советот треба да донесе Правилник и да се изгласа одлуката за ослободување, претседателот на Советот ја потпишува, по што градоначалникот ја спроведува, објасни Атанасовски.
Тој побара граѓаните да достават барање и Советот да на стави на гласање.
Не еднаш, туку два пати е донесувана оваа одлука објасни претседателката на Советот, Анета Стојчевска. Но, одлуката е донесена врз основа на несоодветен Правилник, кој бил доставен од Правната служба, со што директно одговорноста претседателката ја префрли врз службата за која е под надлежност на градоначалникот.
-На 31 јануари ја изгласавме одлуката за донесување на Правилник и одлуката за ослободување, но подоцна ни беше кажано дека треба пречистен текст на Правилникот. Во февруари пак се гласаше и се усвои, ама пак ваквата одлука не била со пречистен текст. Целта не ни е да ги оштетиме граѓаните. Одлуката е дадена на Уставен суд и сега чекаме, изјави претседателката Стојчевска.
Во овој административно – правен лавиринт, некои граѓани плаќаат за услуга што не ја добиваат, на други во сметките за струја им се таложат долговите. Општината, која е во своевидна блокада со длабока поделеност меѓу градоначалникот и Советот, засега не наоѓа решение за проблемите на граѓаните.