Грчката фирмата „Актор“, која на пошироката јавност стана позната по големиот корупциски скандал и сомневањето дека се испрани 28 милиони евра со изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, премина во сопственост на „Интракат груп“. Тоа е уште една грчка компанија, која владата на ВМРО ДПМНЕ и’ додели тендер за изградба на новата Клиничка болница во Штип. Седум години подоцна, изградбата на болницата е на половина, финансиерот – Банката на Советот на Европа го повлече финансирањето, а ангажираниот подизведувач „Бетон“ – Штип отиде во стечај и сега е во фаза на реорганизација.
Грчката компанија „Интракат“ остана на градилиштето, но без пари и сигурно финансирање болницата веќе две години речиси и да не мрднува од место.
„Интракат“ во објавата за преземање на „Актор“ пишува дека постигнале договор за стекнување на негова 100 % сопственост .
-По завршувањето на аквизицијата „Интракат“ ќе плати 100 милиони евра, додека износот од 114 милиони евра, кој се однесува на внатрешните обврски на АКТОР кон ЕЛАКТОР, постепено ќе се плаќа под гаранција на „Интракат“, во рок од 19 месеци од завршувањето на трансакцијата, соопшти „Интракат“.
Договорот е предмет на одобрување на надлежните органи и на состанокот на Генералното собрание на акционерите на продавачите. Трансакцијата се очекува да биде завршена до четвртиот квартал на 2023 година.
„Интракат“ котира на Атинската берза од 2001 година, основана во 1987 година, активна е во изградбата на јавни инфраструктурни проекти во шест земји, јавно приватно партнерство, обновливи извори на енергија, со 500 вработени.
Проектот во Штип со Клиничката болница е еден од незавршените на компанијата, која се пофали со промет од 214,8 милиони евра во 2021 година.