Да не даде Господ родител да жали по дете, рекол некој, на кој животот му ставил тага на срце. А колку и да е тешко, по ваква трагедија родителот мора да стане и да продолжи да се бори низ животот, носејќи ја на плеќи сета тежина.
Како се живее најдобро знаат родителите на Марко Божиновски, ракометар, кој пред речиси две години почина во сон. Дете, кое штотуку зачекори низ животот со неговата препознатлива насмевка, дете кое му се препушти на спортот и здравиот живот, дете кое како што велат сите што го познаваа, мајка да посака да го има.
Неговата смрт не само што ги шокира сите, туку и ги остави во прашалници- како е можно на толку спортски прегледи да се случи вакво нешто? Но, се случи, Марко замина во вечноста и не успеа да оствари многу желби, меѓу кои и да му се помогне на тој што е во невоља. Таа негова желба денес ја остваураат неговите родители со Фондацијата „Марко Божиновски“, чија цел е да им помага на млади спортисти.
Токму од тука и го почнаваме разговорот со неговата мајка Александра Божиновска, која, колку и да и е тешко, се согласи да раскажува за Фондацијата, за прегледите на спортистите, за животот пред и после Марко.
-Фондацијата ја формиравме 2022 година, да го промовираме спортот, да им дадеме шанса на младите да го сакаат, да им помогнеме. Прво почнавме со преуредување на спортскиот центар во населбата Лисиче, кој го носи неговото име. Се врзавме за центарот, направивме децата да можат да тренираат надвор и внатре, гардеробите ги средивме, направивме теретана, трибините ги средивме, лани организиравме турнир за промоција на млади до 19 години, а на почеток на школската година обезбедивме опремени ранчиња на деца социјални случаи. Под името „Нема ред“ организиравме фестивал, минатата година гости беа „Дубиоза колектив“, а се планира и годинава, вели Александра и додава:
-Марко почина на трети јуни, но јас тој ден не го бележам, затоа на 15 јуни почнува турнирот. Работиме на изградба на сензорна соба во една градинка, бидејќи во групата имаат аутистични деца. Тоа е на иницијатива на учителката на Марко, поради која ја засака градинката. За роденденот на Марко повторно ќе правиме концерт, бидејќи јас го славам неговиот роденден како да е тука со нас. Не можам сè уште да дојдам до апаратчиња за мерењена срцева реакција, тренерите ми кажуваат дека клубовите немаат услови како да го монтираат тоа, вели мајка Александра и дополнува дека „додека нè има нас, неговите роднини, пријатели сите оние кои биле дел од неговиот живот, ќе постои и Марко“.
Вели дека младите, особено спортистите, треба да се грижат за своето здравје, да не занемаруваат никакви симптоми, да не мислат дека ако се спортисти се здрави и отпорни. Секој преглед сериозно да го сфатат, никогаш да не дозволуваат само за да завршат побрзо со прегледите некој да им удри печат и им даде потврда дека се здрави. Да не дозволуваат да бидат прегорени од тренинзи и од исполнување на туѓи очекувања.
-Клубовите си ја тераат нивната приказна, никого не го интересира дали се здрави, болни. Битно им е да се добие натпреварот, дали ќе паѓаат жртви, тоа не се гледа. Да не звучам многу сурово, има клубови и тренери кои го гледаат прво доброто на своите играчи и познавам такви, но поголемиот дел гледаат како ќе си ја оправдаат платата пред спонзорите. Врз помладите спортисти константно се врши психичка тортура, закани, навредувања.. И тоа влијае на психо-физичкото здравје на еден млад спортист. Да му се каже убав збор или браво на дете ако згреши како мотивација? Нема такво нешто. А пак до родителите имам еден искрен совет: да се грижат повеќе за своите деца, како учат, како напредуваат во животот, колку знаење собираат, а не да им се наметнува некое правило дека мора да се додворуваат на тренерите за да детето им заигра во некој клуб или пак репрезентација. Несакајќи на децата им даваат лажни сигнали, за да подоцна кога ќе се соочат со реалноста истата да биде многу сурова за нив. Тешко тие деца се соочуваа со реалноста бидејќи беа воспитувани со годините дека се најдобри, најталентирани.. Бидете поддршка на децата, сите тоа сме го правеле, но оставете ги да дишат, вели таа.