Министерството за здравство денеска информираше дека на разговор примило претставници на Асоцијацијата за цистична фиброза, пациенти со цистична фиброза и родители на деца со со оваа болест. Соопштението беше објавено до јавноста, откако претходно пред МЗ претставници на Асоцијацијата, истакнаа дека се уште нема прогрес во однос на набавка на лекот трикафта.
Како што наведуваат од ресорното Министерство, целта на дискусијата била запознавање со процесот со кој Министерството веќе активно работи на изнаоѓање сеопфатно решение за овие пациенти. Според Министерството, за таа цел е ангажирана работна група која од пред две недели работи на случајот.
-Претставници од Асоцијацијата исто така ќе бидат повикани и на состанок со работната група за директно да бидат вклучени и запознаени со предизвиците и чекорите потребни за да се стигне до решение за оваа ранлива категорија, се наведува во соопштението на МЗ.
Пред МЗ, денеска претходно прес-конференција одржаа претставници на Асоцијацијата, кои напоменаа дека поминал еден месец од законските измени и сè уште нема никаков прогрес во однос на набавка на лекот трикафта. Тие апелираа на поголема ажурност од страна на надлежните институции.
Од Асоцијацијата информираа дека воопшто не е воспоставен контакт со потребната компанија, а не се работи ниту на програмата за обезбедување на лекот за останатите пациенти. Пациентите денеска најавија и нов протест доколку состојбата околу набавката на лекот остане непроменета.