Зошто некои луѓе изневеруваат дури и кога се заљубени?
„Постојат многу психолошки причини зошто една личност има желба да биде неверна. Најдоброто објаснување сепак е она што го користел Бил Клинтон кога ја објаснувал својата афера со Моника Левински. Тој рекол дека тоа го направил затоа што можел“, наведува д-р Сузан Еделман во разговор за Elite Daily.
Докторката која всушност е психијатар, објаснува дека редовните неверства на луѓето, не се поврзани со тоа колку го сакаат својот партнер. Најверојатно тие имаат проблеми од детството поради што се чувствуваат недостојни за љубов и имаат страв од интимност. Поради тоа, овие луѓе избегнуваат да бидат вистински интимни со партнерот.
Според докторката, другото можно објаснување е дека овие луѓе би можеле да имаат проблем со сексуална зависност или со нарцисоидни карактерни особини.
Таа нагласува дека е важно, луѓето кои се свесни дека имаат проблем со „сериско изневерување“, да побараат помош.
„Почнете така што ќе бидете искрени кон самите себе и ќе признаете дека имате проблем. Инаку, многу е веројатно дека ќе повредите многу луѓе во тој процес и ќе ја нарушите својата самодоверба“, вели Еделман.
Таа има и совет за оние кои веќе го изневериле партнерот, но имаат грижа на совест.
„Ако не планирате тоа да ви стане навика, поштедете го партнерот од болка бидејќи тоа би можело да биде најдобриот начин доколку навистина сакате да останете со него. Ако партнерот се посомнева и самиот ве праша дали сте го изневериле, не влошувајте ги проблемите со лаги“, советува таа.
Како да му одолеете на поривот?
„Препознајте дека имате моќ да му одолеете на поривот“, советува докторката.
Првиот чекор е да ги разгледате реалните последици од изневерувањето. Би требало да бидете целосно свесни за тоа што би можело да се случи ако постапите според своите желби.
„Изневерувањето најверојатно ќе му наштети на вашиот однос со партнерот, со вашите деца, но ќе влијае и на вашата слика за себе. Кога еднаш ќе ја преминете границата можеби ќе ви биде полесно повторно да ја преминете и на некој начин, да создадете еден образец за изневерување“, додава таа.
Според Еделман, во ваква ситуација може да биде од помош и разговор со пријател или со член на семејството, доколку тоа е некој кој ве разбира и сака да ви помогне.
„Да му кажете на вашиот партнер дека имате желба за изневерување, може да биде изненадувачки корисно. Иако може да ви биде тешко да направите вакво нешто, многу помалку ќе го повредите партнерот ако тоа е само идеја, отколку подоцна да се соочите со самиот чин“, порачува таа.
Секако, важно е да направите разлика дали таа желба се јавува поради горенаведените причини или затоа што сте несреќни во врската.