Триесет и четиригодишната, Лорида Квијамбао од Австралија останала во шок кога добила меил во кој пишувало дека ѝ е наплатена сума од 626 евра поради тоа што ја откажала резервацијата во еден елитен ресторан – пишува Daily Mail.
Австралијанката резервирала маса за шест лица во ресторанот Нави во Јаравил, западно од Мелбурн. Лорида и останатите планирале да одат во ресторанот во саботата, но во четвртокот таа се чувствувала лошо, па одлучила да ја откаже вечерата со која всушност планирала предвреме да го прослави роденденот. Таа ја откажала резервацијата 48 часа пред закажниот термин.
Младата жена раскажала дека во петокот добила меил од ресторанот со известување дека ѝ се наплатени 1020 долари, односно 626 евра за откажување на резервацијата.
„Видов дека ми наплатиле, но без дополнителни информации. Можеле барем прво да разговараат со мене и да ми објаснат“, изјавила таа за британските медиуми.
Австралијанката додала дека го почитува фактот што рестораните наплаќаат одреден надомест за откажување, но според неа, во овој случај се работи за преголем износ.
Инаку, во ресторанот се служи сет мени кое чини околу 100 евра, а со оглед на тоа што резервирала маса за шестмина, ѝ ја наплатиле цената за шест менија.
Готвачот и сопственик на ресторанот, Џулијан Хилс за британските медиуми објаснил дека за резервации на пет или повеќе лица, ресторанот бара откажувањата да се направат најмалку пет дена однапред. Хилс додал дека некои јадења се подготвуваат четири дена однапред и дека исто така му треба време да нарача состојки од добавувачите. Тој нагласил и дека маса за шест лица зафаќа четвртина од капацитетот на ресторанот.
„Значи, губењето на 25 отсто од резервациите таа вечер значи голема финансиска загуба за нас. На клиентите кои ќе откажат доцна им се враќаат парите кога ќе успееме делумно или целосно да го исполниме откажувањето“, истакнал сопственикот.
Во меѓувреме, ресторанот објави дека успеале да ги исполнат резервациите и дека на Лорида ѝ биле вратени парите.