Во склоп на серијалот „Саеми во пролет“, Скопски Саем со поддршка од Министерството за култура, како покровител на саемот го организира 35. Меѓународен Саем на книгата, кој годинава се одржува под мотото „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“.
Како што наведуваат организаторите, годинешното издание на еден од најомилените саеми во државата, ќе се одржи од 4 до 10 мај, во Арена „Борис Трајковски“. На саемот се најавени над 50 учесници, меѓу кои и најуспешните македонски издавачки куќи, а се очекува да привлече илјадници љубители на книгата.
-Во календарот на најзначајни културни македонски настани, централното место со децении му припаѓа токму на „Саемот на книгата“, – најомилениот период од годината кога ѝ посветуваме посебна љубов и грижа на личната домашна библиотека или пак кога ја зачестуваме навиката да пронајдеме и подариме нови книги на најблиските. Најголемата манифестација посветена на книгата на национално ниво, која во месец мај ќе претстави голем број наслови од сите континенти во светот, – се занимава со промоција на книжевното творештво и љубовта кон пишаниот збор, како и културна размена и иницирање актуелни литературни и општествени прашања, наведуваат организаторите.
Неформално познат како „фестивал на пишаниот збор“, секоја година „Саемот на книгата“ е домаќин и главен центар на најзначајните домашни и бројни странски автори и издавачи, кои ги претставуваат своите најактуелни изданија.
За претстојната програма, повеќе информации на www.skopskisaem.mk, @skopski.saem и Skopski saem на Facebook.