Лидерите на политичките партии Интегра, Единствена Македонија и Демократи денеска во емисијата „Стадион“ на Канал 77 зборуваа за уставните измени и категорични се дека македонскиот народ мора да стои во Преамбулата на Уставот.
Лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, се согласува со предлогот на Мицкоски за уставни измени налик хрватскиот модел на уставот. Тој вели ова што сега го предлага Мицкоски тие како партија го имале предложено уште пред 20 години кога се донесе Рамковниот договор.
Вели сите држави во Европа се базираат на национална држава и ги наведе како пример Германија каде во преамбулата го има германскиот народ како конститутивен, словенскиот во Словенија, францускиот во Франција и сл.
Лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски, вели дека и со Охридскиот рамковен договор Македонија е национална држава, а албанците се мнозинска етничка заедница и тоа се користи секаде во светот. Македонија според него не може да биде друга држава освен држава на македонскиот народ и другите малцински народи кои живеат овде.
– Ние не смееме сега Македонија да ја редефинираме во граѓанска држава. Македонскиот народ мора да има гарантиран суверенитет во својата држава. Со тој дел постојано не смее да се игра, потиснувањето на македонското во Македонија ќе доведе до нешто многу полошо. Јас сум против било какво пречесто отварање на уставот во било која пригода и за било што, вели Ристовски.
Лидерот на Демократи, Јорго Огненовски, пак, смета дека не треба да брзаме да влеземе во Европската Унија со вакви уцени и потенцира дека Бугарија како држава, не бугарите, не ни е пријател.