Лидерите на политичките партии Демократи, Интегра и Единствена Македонија се согласни дека покачувањето на платите кое предизвика гнев во јавноста е прашање кое мора да се решава системски.Во емисијата „Стадион“ на Канал 77 тие велат точно е оти платите треба да се зголемат за сите, но не на ваков начин и со толкави суми.
– Принципиелно сите работи се решаваат системски и треба да биде се праведно. Не може медицинските лица да штрајкуваат со месеци и да добијат две илјади денари покачување, а кај пратениците да има две илјади на ден. Покачувањата треба да бидат согласно финансиската клима во државата, а нормално е дека сите треба да имаат повисоки плати – царината, судството, образованието и водењето на државата, вели лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски.
Лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, истакна дека тие како партија имаат предложено предлог закон за платите уште во 2009 и во него плус предлагаат да се укинат апанажите и другите надоместоци. Во 2011 баравме да не се користат и службени возила за се и сешто.
– Платите треба да се решат системски, мора да си ја вратиме државата назад и платите да се постават на начин на кој сите сектори ќе бидат задоволни и администрацијата и земјоделците.
Нам ни требаат само чесни политичари, вели Бачев.
Лидерот на Демократи, Јорго Огненовски, истакна дека имале протест пред Уставен суд затоа што биле незадоволни од нивната одлука и сметаат дека е срамна и не понижува како граѓани.
-Ова е пљачка на народот. Ние немаме квалитетни функционери, чест на исклучок, што сакаат да направат нешто за Македонија. Ние сакавме да кажеме дека ова не е време по астрономски суми да се зголемуваат платите, вели Огненовски.