Три лица, меѓу кои малолетник, биле повредени во физичка пресметка што се случило доцна попладне околу 18 часот во близина на поликлиниката Бит Пазар во Скопје, потврдија за МИА од Министерството за внатрешни работи.
Според првичните информации на МВР, едното лице е повредено од оружје но се уште нема информации за какво оружје станува збор.
– На 07.04.2023 околу 18 часот во СВР Скопје пријавено е дека дошло до физичка пресметка во близина на поликлиника Бит Пазар во Скопје, а непосредно потоа од ГОБ Св. Наум Охридски е пријавено дека за лекарска помош се пренесени А.Б. (20) со повреда на десна рака од оружје, како и А.Б (23) со повреди од тврди предмети и 17-годишен малолетник со повреди од физички напад, информираа од МВР.
Од ГОБ Св. Наум Охридски за МИА изјавија дека кај нив се донесени две повредени лица, едното со повреда во предел на дланка и ќе биде задржано на тамошно лекување, а другото со повреда на главата од цврст предмет.
– Двајцата се во стабилна состојба и во тек се соодветни испитувања, посочуваат од болницата.
МВР презема мерки за расчистување на случајот.