Која е тајната на долговечноста? Луѓето кои живеат и по сто години, имаат единствен имунолошки систем кој останува функционален и во нивната длабока старост – нотира една нова студија.
Резултатите покажуват дека една од карактеристиките на стареењето е опаѓањето на правилното функционирање на имунолошкиот систем. Имунитетот е важен за опоравувањето на телото од болестите и токму благодарение на него, се овозможува долговечност.
Студијата е објавена во списанието EBioMedicine, а истражувачите извршиле секвенционирање на поединечни клетки за да ги утврдат молекулите во мононуклеарните клетки на периферната крв – широка категорија на имуните клетки кои циркулираат во крвта.
Истражувачите потоа користеле напредни дигитални техники за да анализираат како пропорцијата на различни типови клетки и нивните внатрешни активности се менуваат со возраста.
„Со анализирањето ги дефиниравме единствените карактеристики на оваа популација и дојдовме до сознанија за факторите кои придонесуваат за нивната долговечност“, изјавил еден од авторите на студијата, Стефано Монти.
„Нашите податоци ја потврдуваат хипотезата дека стогодишниците имаат заштитни фактори кои им овозможуваат полесно да се справуваат со болести и да достигнат длабока старост“, изјавила Тања Карагианис, која учествувала во истражувањето.
Истражувачите воочиле дека кај луѓето кои живеат по сто години, постои историја на изложеност на инфекции, а тоа ја потврдува хипотезата дека имаат заштитни фактори кои ја зголемуваат нивната способност да се опорават од инфекциите.