Декларативни изјави од политичките партии за зголемените плати на функционерите, додека на дело, караванот си врви. По укинувањето на делови од Законот за платите од страна на Уставниот суд, пратениците први ги примија зголемените плати. За осум дена од примената на законот, по 16.000 денари повеќе на платата. Опозициската ВМРО ДПМНЕ со денови на прес конференции и соопштенија порачува „половина милион граѓани живеат со 150 денари на ден, а власта зголемува плати на функционери додека народот страда“, а сепак пратениците од сите партии на своите сметки ги примија зголемените плати. Некои градоначалници рекоа ќе го донираат „вишокот“.
Прв кој прозборе против повисоките плати беше претседателот Стево Пендаровски, кој денеска повтори дека неопходни се законски измени, бидејќи како што рече „поинаку не можеме да излеземе пред очите на граѓаните“. Ја повика Владата да реагира.
– Мојот став го знаете. Криво ми е што повеќето функционери не го делат тој став. Јасно е дека кривично дело е не непочитување на одлуката на Уставниот суд, но Владата мора да направи се’ во нејзината моќ и надлежност, а има, платите на функционерите од мене до тие во локалната самоуправа да останат исти со измена на коефициентот и основицата. Поинаку не можеме да излеземе пред очите на граѓаните и да им кажеме дека во оваа тешка ситуација кога замрзнуваме цени на основни животни производи, ние си ги зголемуваме платите, дециден е Пендаровски.
Владата пак, синоќа на редовна седница, само расправала, но нема одлука како да се решат повисоките плати.
Партијата Левица, која до сега беше ревносна во поднесување на законски решенија за укинување на патарините за пратениците, апанажите за функционерите, до сега нема реакција со законска измена, но смета дека „не е фер“.
-Не е фер, особено што овие политички елити навлегоа во бизнисот со енергија, овие функционери во политичкиот врв се луѓе од олигархијата кои го користат државниот апарат како плен преку криминалните дејства. Јасна е позицијата на Левица – преку законски решенија да намалат на привилегиите за функционерите, рече Амар Мециновиќ, кој потсети дека левица постојано поднесува законски решенија за намалување на привилегиите, кои не се прифатени од останатите партии.
Решението повеќето политичари сметаат дека е во донесување на законски измени со кои ќе се намали и коригира коефициентот за сложеност на работното место, со што би се намалиле платите на функционерите. Но, конкретен предлог нема.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) пресмета дека со повисоките плати еден функционер еден функционер по најновите пресметки вреди колку десетчлено семејство и истиот може со само една своја плата да покрие основни трошоци за две и пол семејни домаќинства. Со својата плата покрива две и пол Синдикални минимални кошници. Министерството за економија пак, пресмета дека една функционерска плата покрива три Синдикални минимални кошници.
Со укинувањето од Уставниот суд, платата на Претседателот на државата изнесува речиси 2.500 евра, односно од 93.000 денари ќе порасне на 165.000 денари. Близу 2.500 евра е платата на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Министрите ќе добиваат по 1.800 евра, а судиите околу 1.600 евра.