Државата да го откупи вишокот пченица за стоковите резерви и да нема увоз од странство – бараат дел производители од Пелагониско, кои имаат недооткупени количества пченица во амбарите.
Апелот и барањето тие ги упатија од пред прилепските силоси каде се користи простор за стоковите резерви.
„Упатуваме апел до мелничарите во Македонија и до надлежните иституции во државата, да се откупи пченицата од овие луѓе кои сѐ уште ја чуваат, а не да се увезува од Србија како што имаме непотврдени информации. Ова е вистинското време и што поскоро да се реагира зашто во тек се прихраните на новиот род, а и доцни втората прихрана, а на луѓето им се потребни средства. Производителите сега не бараат многу. Барат цена, барем да се покријат производните трошоци и трошоците за складирање. Тоа е околу 22 денари за килограм“, изјави Стеванчо Јорданоски, производител од прилепското село Мажучиште кој чува преку 200 тони пченица.
„Јас имама 350 тони пченица. Не ја предадовме пченицата зашто млинарите не можеа д ани ја платат во готово. бараме државата да ни ја откупи по реална цена. Да биде добро и за државата и за нас, а не како што слушаме 25 или 27 денари од Србија“, изјави Тоде Лазаревски, производител од Ивањевци, Битолско.
Од Владата информираат дека количествата пченица во државава се на задоволително ниво и во моментов нема активен оглас за набавки. Годинава се одвоени четирипати повеќе средства од буџетот за стоковите резерви и се апелира предност да се даде на домашните производители.
-За 2023 година со Буџетот се планирани 352 милиони денари за стоковите резерви, кои во претходните две години биле на ниво од 80 милиони денари. Владата преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство секогаш е на страната на земјоделците, затоа апелираме предност да се даде на домашните производители и домашните количини на пченица, стои меѓудругото во информацијата од Владата.
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија, Перо Стојкоски вели дека за проблемот со недооткупената пченица ќе се бара средба во Министерството за земјоделство.
– Ќе бараме средба во Министерството за земјоделство за да се бара решение за проблемот со недооткупената пченица која е во амбарите на земјоделците. Сметаме дека во земјава има околу 5 000 тони недооткупена пченица, вели Стојкоски.