По регистрирањето на првиот случај со морбили кај 13-месечно дете од Свети Николе, деновиве е и зголемен интересот за имунизација за прва доза во штипско-карбинскиот регион.
Педијатарот, Дијана Коцева – Миланова од службата за превентивна заштита при ЈЗУ „Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип, вели дека процентот на имунизирани деца до една година во Штип изнесува околу 80 отсто. Во текот на вчерашниот ден ги добиле упатствата од Комисијата за заразни болести.
„Засега имаме добиено насоки за проверка на картоните за имунизација на децата и понатаму ќе ги следиме упатствата“, вели Коцева – Миланова.
Таа посочува дека постојано се јавуваат на родителите и ги потсетуваат дека имаат пропуштено вакцина, а по појавата на првиот случај на морбили кај 13-годишно дете очекува и да се зголеми свесноста кај родителите за заштита на здравјето на сопствените деца.
Според Коцева – Миланова не се работи за тоа дека родителите ја избегнуваат имунизацијата, туку дека ја одлагаат. Најчесто се чека детето да прооди и прозбори, а дури потоа го носат на вакцинација. Ваквиот став е неоснован и неоправдан, бидејќи со тоа го изложуваат сопственото дете да биде подложно на инфекција.
„Има голем процент на заразност. Од 10 деца кои доаѓаат во контакт, а не се имунизирани, ќе заболат дури девет и компликациите кои може да ги даде самата болест се сериозни, сериозна пневмонија, воспаление на мозокот, па дури во ретки случаи и смрт“, рече Коцева – Миланова.
Последен пат епидемија на морбили имаше пред четири години, кога на штипското Инфективно одделенија завршија дваесеттина пациенти.
МИА