Најмногу десет дена додека не се потрошат залихите, овошјето и зеленчукот ќе се продаваат по замрзнатите цени. Но, потоа, доколку останат високите набавни цени на кванташките пазари, многу веројатно дека овие производи ќе ги снема од полиците. Со овие зборови во пиљарите ги објаснуваат состојбите во првиот ден кога почнаа да се применуваат замрзнатите цени на 11 производи.
Како што објаснија сопствениците во неколку пиљари во Штип, цените ги диктира скопскиот кванташки пазар, каде изутрината се нудеше домати по набавна цена од 105 денари, што пиљарите од денеска ги продаваат за 90 денари. Ова е само еден пример за тоа како функционира пазарот со ограничени цени.
Од изутрина на терен се и пазарните инспектори, кои ја контролираат примената на одлуката на Владата. Се контролираат подеднакво исто и маркетите и пиљарите и зелените пазари.
Трговците на мало стравуваат дека ако трговците на големо не ги променат цените, ќе се повтори ситуацијата од пандемијата, кога беа ограничени цените на некои од овошјата, поради што настана недостаток на пазарот. Трговците на големо одбија да продаваат по намалените цени, поради што престанаа со трговијата на овошјето чија цена беше ограничена.
Додека да стигне домашното производство, понудата на пазарот ќе зависи од големите трговци, кои увезуваат од странство, на кои владината политика со цените, очигледно не им се допаѓа.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, објавувајќи го ограничувањето на цените, рече дека трговците при формирањето на цените калкулирале маржа од 150,200 па и 250 отсто.